Претседателот на Македонскиот полициски синдикат тврди дека изминатите два месеца е регистриран трет синдикат на припадниците на МВР
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска обвини дека министерот за внатрешни работи Наќе Чулев врши притисок врз синдикатот и формира паралелен синдикат во Министерството со цел да се замолчи Македонскиот полициски синдикат.
„Тоа за нас е недопустливо бидејќи со тоа се крши Конвенцијата 87 за слобода на здружување и затоа сме приморани да ги информираме сите релевантни домашни и странски институции и ќе побараме помош за немешање на институциите од власта во организирањето и дејствувањето на ССМ“, рече претседателот на ССМ Дарко Димовски на прес-конференција.
Тој го повика Чулев да каже дека седниците на највисоките тела на Синдикатот – Советот и Претседателството, се одржуваат со присуство на инспектори од МВР. Притоа кажа и дека во изминатите две недели тој лично двапати бил викнат во полициска станица и бил информиран дека против него е поднесено кривична пријава.
Претседателот на Македонскиот полициски синдикат Марјан Кицев посочи дека во март на состанок во кабинетот на министерот добиле директна закана дека доколку не престанат со нивните барања, ќе биде формиран нов синдикат.
„На 29.4 во МТСП е регистриран нов, трет синдикат на полицијата и на 13.05 е запишан во Централниот регистар, а на 2.06 со договор спротивен на законските прописи и колективниот договор на МВР ја крунисаат соработката“, истакна Кицев, и побара од Владата да го поништи овој договор.
преземено од 360степени.мк
Ги повикувам вработените во Министерството за внатрешни работи да проверат дали раководството на Македонскиот полициски синдикат ги застапува нивните права или, пак, работи по директива на власта. Јас како министер и понатаму ќе останам отворен за дијалог за сите предлози кои ќе ги унапредат правата на вработени во Министерството за внатрешни работи, напиша Чулев на Фејсбук.

Додади коментар