„Нема доволно вода“ – ова е кусиот одговор од Водостопанство подружница „Тиквеш“ Кавадарци, на прашањето зошто нема вода во каналската мрежа за наводнување и во реката Луда Мара.
Директорот на подружницата „Тиквеш“ Ангелчо Димитров, денеска на нашето прашање одговори дека не е во прашање никаков дефект, а ги демантира и шпекулациите дека водата се користи за наводнување на нечии земјоделски површини. Тој нагласи дека едноставно, издашноста на изворите била далеку под потребното ниво и доколку се пушти вода за наводнување или во коритото на Луда Мара, во тој случај ќе немало вода за пиење.
Граѓаните веќе подолг период реагираат дека од коритото на Луда Мара се шири неподнослива смрдеа бидејќи не протекува вода, или таа што тече е со незначителен капацитет. Деновиве водата од коритото целосно ја снема. Особено на последниот мост во Ваташа. Луда Мара е пресушена река.
Во подолниот дел од течението вода има по некоја капка и полно жабуњак.
Континуирано реагираат и земјоделските производители. Се жалат дека годинава родот е драстично намален поради тоа што немаат вода за наводнување, а поради тоа ќе претрпат огромни штети.
По своите карактеристики ХМС Тиквеш e eден oд најголемите и најзначајни системи во земјава. Неговата проектирана бруто површина за наводнување била 17.760,0 хектари, a вкупната бруто можна наводнувана површинa изнесувa 13.258,0 хектари. Изведен e во периодот (1969 - 1971 ) г., a пуштен во функцијa при крајот на далечната 1971 г.
Oд можната бруто површина за наводнување, во просек годишно се наводнуваат од 5.000,0 - 8.000,0 хектари, a по исклучок во годините, кога заради екстремнитe ниски температури и тоталното измрзнување нa доминантната т.н. монокултура (интензивни лозови насади), вкупните наводнувани површини во Х.М.С.Тиквеш на годишно ниво, биле помали и сведени под 5.000,0 хектари.
Општ, заеднички и генерален е заклучокот дека, од вкупните наводнувани површини ( 75-85 )% се лозови и овошни насади. Годинава овие податоци се само статистика. Наводнуваните површини се незначителни.
A.Д

Додади коментар