Советот на општината, на предлог од градоначалникот, на својата 7 редовна седница усвои едногласно Одлука со која беше извршена промена на имињата на неколку улици во Кавадарци. Со ваа одлука се изврши промена на имиња на улицата „ЈНА” во улица „Тиквешко Востание”, улицата „29-ти Ноември” се променува во „8 –ми Септември”, додека булеварот „Едвард Кардељ“ се променува во Булевар „Никола Минчев”. Извршена е промена и на името на улицата „Енгелсова” во името „Трајче Мукаетов“.
Промената се изврши согласно пртходната постапка која се води во општината, а е резултата на актуелните политичко општествени состојби во Република Македонија произлезени од промената на општественото уредување, како и од несоодветноста на одредени имиња на улици. Општината во тој правец ги информира граѓаните дека: Со промената на името на улица се менува само името на улицата, а матичниот број кој е веќе упишан во електронскиот регистар останува ист. Промената на имињата на улиците од оваа Одлука ќе биде извршена во електронската евиденција која што ја води Општината. Согласно законските одредби по донесувањето на Одлуката од страна на Советот на општина Кавадарци, истата ќе биде доставена до Централниот Регистар на РМ, за да се изврши упис на податоците во електронскиот регистар во рок од 15 дена од денот на доставувањето.
Оваа преименување на улиците нема да предизвика потреба од никаква итна промена во документите на граѓаните, од причина што по службена линија Централниот регистар ќе ги информира сите соодветни надлежни институции за настанатите промени, тие пак потоа согласно важечката законска регулатива ќе ги првземаат натамошните активности во нивна надлежност. Ова значи дека новите имиња на улиците ќе се внесуваат во новоиздадените документи, а на постојните ќе стои старото име на улицата се до моментот на издавање на нов документ кога ќе се впише новото име на улицата.
Општината со овој чекор им оддава признание и достојна почит на значајни датуми од македонската историја, како и на заслужни граѓани кои се вградиле себе си во историјата и развојот на Кавадарци и Република Македонија. Споменот за над 500 жртви од Тиквешкото востание во 1913 година сега ќе се чува и во името на една од централните градски улици, исто како што ќе биде обележан и денот на македонската независност 8-ми Септември. Кавадарци му оддава признание и на великанот Никола Минчев првоборец од НОБ, револуционер, интелектуалец, политичар и економски стратег. Улицата со неговото име ќе го чува и споменот дека тој е првиот македонски министер за култура со чии потпис веднаш по 2 заседание на АСНОМ своерачно го потпишал законот за македонската азбука и писменост. Градот со именување на улица му се оддолжува и на големиот стопанственик Трајче Мукаетов еден од заслуните за развојот и растежот на индустријата за лекови во нашата земја. Во правец на соодветна помош кон жителите на улиците кои добиа нови имиња општината же ги сноши трошооците за набавка на табли со името на улицата и куќниот број.
На истата седница членовите на Советот изгласаа одлука со која градскиот парк во својот назив го додава името на Љупчо Шкартов со што неговото официјално име е Градски парк „Љупчо Шкартов“ Кавадарци. Ова се прави во спомен на човекот револуционер, интелектуалец, политичар и економски стратег кој својот живот во целост го посвети на Кавадарци, а изгледот на градскиот парк во денешната форма е негова визија и реализирана идеја.
Служба за односи со јавноста Општина Кадарци

Додади коментар