За две до три недели во Тиквешијата, најголемиот регион за производство на грозје ќе започне бербата на винското грозје. Времето до почетокот на бербата е кратко, а лозарите не знаат каде ќе го дадат својот род.
Немаат конкретен договор со визбите за откупна цена, но се надеваат дека годинава родот ќе им се плати подобро споредено со претходните години, бидејќи годинава ќе се барало килограм повеќе.
Тие се оптимисти дека новите винарии кои се изградија и сеуште се градат ќе им ги скратат маките со пласманот и дека квалитетниот род ќе го продадат без проблеми но и ќе можат во разумен рок да го наплатат.
Сеуште има винарски визби кои заборавија да си го платат долгот кон лозарите, визби што заборавија дека виното што го продадоа е произведено од родот на лозарите.
Експертите се децидни дека партнерски однос мора да има меѓу лозарите и винарите. Само така ќе има и развој на оваа гранка.
„ Сега имаме еден нов момент со приватните, помали винарии, со кои сум убеден дека ќе се створи една лојалност меѓу нив и лозарите, но со одредени производители, дисциплинирани лозари, а не лакоми. Мора да се понуди квалитет за да се добие и цена “ вели проф. Д-р Ристо Вучков.
Државата и понатаму се обидува да створи ред во оваа дејност. Винарските визби за да откупуваат нови количини на грозје мора да го имаат исплатено грозјето од претходните реколти, но и да имаат баждиран мерач на шеќерни единици за да не им се кради од квалитетот на грозјето кое го продаваат лозарите.
“Очекувам гроздоберот што ни претстои да помине во најдобар ред. Визбите се гладни за грозје. Се надевам дека откупот ќе се одвива без проблеми. Време е визбите да си го платат и долгот кој го имаат кон лозарите, но тоа се одвива многу споро“ рече лидерот на лозарите Љупчо Аризанов.
Ангел Данов
Додади коментар