Лозарите повторно извисија - Повардарие не го исполни ветеното
20-06-2018 РЕГИОН

 

Уште едно празно ветување од винарската визба „Повардарие“ од Неготино повторно ги изреволтира лозарите кои чекаат пари за грозјето, предадено во 2015 и 2016 година.

 

Иако, пред неполн месец генералниот директор на „Вино Жупа“ и претседател на управниот одбор на „Повардарие“, Раде Јевтовиќ, даде јавно ветување дека до 15 јуни ќе се исплатат долговите кон лозарите, тоа не се случи.

 

Производителите на грозје со кои разговаравме, тврдат дека на нивните сметки од визбата немаат префрлено ниту денар. Велат дека последната лага ги поминала сите граници и дека тие што не тужеле досега, ќе покренат тужби за да си ги наплатат парите за грозјето од реколтите 2015 и 2016 година.

 

Претставници на визбата немале нова средба со претставници на здружението на лозарите „Напредни лозари“. Претседателот на ова здружение, Трајче Кулев, во телефонски разговр ни рече дека сеуште чекаат да започне исплатата на ветените пари од „Повардарие“.

 

Бидејќи и овој пат не се исполни ветеното, останува нејасно дали визбата ќе добие лиценца за откуп на грозјето годинава.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар