Лозарите побараа 13 за смедеревката и 15 за вранецот
21-08-2017 РЕГИОН

Во пресрет на годинешниот откуп на грозје, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска одржа состанок со производители на грозје.

 

На состанокот лозарите ги изнесоа своите барања во однос на годинешните откупни цени на грозјето и ги посочија проблемите со кои се соочуваат. Барањата на лозарите се годинешната откупна цена на сортата смедеревка да биде 13 денари за килограм, а на сортата вранец 15 денари за килограм, а со зголемување на шеќерните единици да се зголемува и откупната цена.

 

Поради лошите временски услови односно измрзнувањето на лозјата во некои региони, лозарите побараа намалување на надоместокот за водарина. Воедно дел од барањата на производителите на грозје беа во насока на зајакнување на контролите на инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство на откупните пунктови.

 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, порача дека сите барања на лозарите ќе бидат внимателно и детално разгледани со цел да се најде соодветно решение. Исто така министерот Николовски потсети дека со одлука на Влада со Програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2017 година, лозарите ќе добијат зголемена субвенција од 10 отсто по хектар.

 

„Како ресорно министерство ќе ги разгледаме сите ваши барања, со цел да се најде соодветно решение. Ќе се направат анализи на извозот, но и на барањето за намалување на надоместокот за водарина. Во моментов интензивно работиме на забрзување на процесот за исплата на обештетувањата од временските непогоди за 2016 година и 2017 година. Уште сега, со измени на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2017 година, ги зголемивме субвенциите за одржување на лозови насади за 10 отсто по хектар, што е дел од нашите ветувања и мерки во Програмата на Владата за зголемување на субвенциите за лозови насади за 20 отсто во следните 4 години. Формиравме работна група која работи на законското решение за т.н „зелена“ евтина нафта, со што драстично ќе се намалат производствените трошоци“, изјави министерот Николовски.

 

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Јане Станкоски, посочи дека ќе се зајакнат контролите на откупните пунктови на грозје, со цел да нема манипулации со откупните цени. Досегашните анализи покажуваат дека оваа година, произведеното грозје се очекува да биде со добар квалитет. Но, од друга страна поради лошите временски услови се очекува количината на произведено грозје да биде намалена за околу 30 отсто. Особено помали количини на произведено грозје се очекуваат во подрачјата во кои имаше посериозна појава на ниски зимски температури и пролетни мразеви (Неготино и Демир Капија). Имајќи го ова во предвид, како и фактот дека производството се одвива на непроменливи површини, реално е да се очекува дека вкупното производство на грозје (трпезно и винско) во Република Македонија ќе се движи околу 180.000 тони. Според ова, треба да се очекува и намалено производството на вино од реколта 2017 година, односно постигнување на ниво помеѓу 70 и 90 милиони литри.

 

 



Share

Додади коментар