Лозарите излегоа на протест
27-01-2019 РЕГИОН

Лозарите од Тиквешијата денеска на градскиот плоштад во Кавадарци одржаа мирен протест . Ги повторија своите барања да им се исплати грозјето предадено во 2015 и 2016 година во „Стефани винарија“ и „Повардарие“. Ако овие барања не бидат исполнети до 10 февруари ќе се организираат блокади низ Тиквешијата.

 

 

Исто така беше побарана  загарантирана откупна цена од 17,5 денари за килограм смедеревка и 18,5 денари за вранецот.

 

„Лозарите повеќе не можат да издржат. Доколку не се исполнат барањата, лозарите ќе бидат приморани да организираат масовни протести. За „Стефани вианрија“ ситуацијата е многу тешка. Влезена е во стечај. За сите ќе има пари освен за лозарите. Во „Повардарие“ работите се малку подобри. Бараме владата да превземе конечни мерки и да си ги добиеме парите“ рече претседателот на регионалното здружение „Напредни лозари“.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев рече дека се согласува потполно со барањата на лозаропроизводителите и им даде целосна поддршка.

 

„Од владата има ветување дека ќе се најде начин да се исплати грозјето предадено во „Повардарие“. Исто така имаме ветување дека во стечајната маса во „Стефани винарија“ ќе влезе и долгот на лозарите. До крај на февруари заедно со владата, општината лозарите да изнајдеме начин да се исплати долгот. Да се донесе нов закон со кој ќе се загарантира откупот. Ниедна винарија да не може да го продаде виното или да го заложи пред да го плати грозјето. Тоа веќе се работи и ни единствен начин да имаме сигурност“ рече Јанчев.

Тој нагласи дека само лозарите во земјава се единствена категорија на производители кои не можат да си го наплатат својот производ.

 

До министерството за земјоделство здружението „Напредни лозари“ веќе има доставено предлог да се формира фонд за исплата на грозјето. 30 милиони евра се доволни за да се покрие лозарското производство, објаснуваат предлагачите.

 

 

„Визбите мора да имаат склучено договор со тој фонд,  по што ќе добијат лиценца за откуп. Само така белешката за откуп ќе биде хартија со вредност. Визбите нема да смеат да го стааат грозјето под хипотека додека не го исплатат откупеното грозје. Со тоа ќе се стави крај на ненавременото исплаќање“ рече Зоран Пешов, лозар од Кавадарци.

 

На протестот свои обраќања имаа и повеќе лозари кои се осврнаа на проблемите со кои се соочуваат со години. Побараа законот за вино кој се подготвува да биде праведен и да се впише во него она што го вели науката,  дека смедеревката има технолошка зрелост 16, а не како што прават винарите,  со многу повисока шеќерност и на тој начин да им се купи за ниска цена.

 

„Јас цел мој мандат како пратеник го застапувам  решавање на овој голем проблем. Издејствував досега делумно да се исплати долгот, тоа не е доволно. Сега имаме гаранција од државата дека не исплатените пари, по мој предлог, ќе ви бидат оваа година исплатени. Годинава ќе ви биде исплатено горзјето предадено во „Повардарие“ со средства од буџетот. Јас го ставив мојот мандат во залог и ви гарантирам дека долгот ќе ви се исплати“ им рече на лозарите пратеникот од Кавадарци, Панчо Минов и нагласи дека ќе побара до Свети Трифун да им се исплатат парите за субвенции и ветениот еден денар по килограм предадено грозје.

 

На протестот се постигна договор во сабота лозарите да остварат средба со министерот за земјоделство во Кавадарци, кој го најавил неговото присуство и лично да му ги пренесат барањата упатени од денешниот протест.

 

Ангел Данов

 

 



Share

Додади коментар