Лифт во општинската зграда за лицата со хендикеп
05-04-2016 РЕГИОН

Лицата со посебни потреби од Кавадарци од денеска имаат полесен пристап во општинската зграда. Станува збор за проект кој го реализира Вардарски плански регион со подршка на УНДП, а се стави во функција во рамки на третиот ден на партнерства на Вардарскиот плански регион.

Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов се заблагодари на УНДП за подршката што ја доби општината за поставувањето на лифтот, но и за реализација на други проекти кои се наменети за лицата со хендикеп.

 

„Од минатата година започнавме набавка на колички за полесно движење на лицата со посебни потреби. Направивме летниковец во новиот центар на градот, забавен  парк и се реконструираа санитарните јазли во во ООУ „Гоце Делчев“ рече градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.

Тој за прв пат најави дека во наредниот период и приватни компании од Кавадарци ќе започнеле да вработуваат лица со посебни потреби.

 

Претседатрелот на советот на Вардарски плански регион и градоначалник на Велес, Славчо Чадиев нагласи дека Вардарскиот регион е лидер во земјава во реализацијата на бројни проекти.

„  Во неколку општини од Вардарскиот регион  се направија проекти за лицата со посебни потреби. Вардарскиот плански регион  е лидер меѓу регионите,  не само со програмите за лицата со посебни потреби туку воопшто во работењето“ рече претседателот на советот на Вардарски плански регион и градоначалник на Велес, Славчо Чадиев.

Тој најави дека во Велес за лицата со посебни потреби ќе се реновира зграда во центарот на градот во близина на автобуската станица, каде ќе биде сместен центар за лицата со посебни потреби.

Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Витон  рече дека е посебно горда кога им се помага на лицата со посебни потреби, со цел и тие да не изостануваат со ништо во општеството.

Изградбата на лифтот чинеше еден милион и сто илјади денари.

Потоа во конференциската сала на  винарската визба „Тиквеш“ беа презентирани достигнувањата на Мрежата за инклузивен развој на Вардарски плански регион,  а беше потпишан и договор за реализација на проект за изградба на Центар за лицата со попреченост .

 

Oд Центарот за развој на ВПР нагласуваат дека воспоставените релации на соработка помеѓу општините во Вардарскиот плански регион, кои на почетокот беа поддржани и водени од страна на УНДП и Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, во последните неколку години  придонесоа кон забрзан регионалниот развој и намалување на развојните диспаритети. 

Досега се имплементирани голем дел од активностите зацртани во Работната програма на Мрежата за инклузивен развој на Вардарскиот плански регион 2014 – 2016, кои придонесоа во голема мерка за промоција на економските инвестиции, трговијата и туризмот како и развојот на потенцијалите за рурален туризам а придонесоа и кон поголема вклученост на младите луѓе во исто време подобрувајќи ја грижата за ранливите категории на граѓани.

 

Ангел Данов

 



Share

Додади коментар