„Со пари и ароганција не се купува подршка од народот. Подршката се купува со чесно и домаќинско работење. Во недела завршува времето на локалните олигарси. Готово е Митко, победуваме! Кој му е крив на Митко што прифати да биде кандидат на партијата што затвораше телевзии, затвораше новинари, тепаше студенти. Таквата политика на 29 октомври ќе ја поразиме“ порача вечерва од плоштадот во Кавадарци кандидатот за градоначалник Бетиане Китев и уште еднаш ја побара подршката за како што рече, да направи општина достапна за сите граѓани.
Се обврза уште првата година од мандатот да изгради нова градинка, враќање на реномето на манифестацијата Тиквешки гроздобер. Китев им вети на своите сограѓани дека завршило времето на криење на градоначалникот и негова недостапност за граѓаните. Тој даде ветување дека во мандатот од 4 години ќе биде постојано достапен за сите граѓани.
„Ќе го реконструираме централното подрачје. Ќе изградиме затворен пазар. Ќе го решиме паркирањето во градот и ќе ги реконструираме сите сообраќајни артерии.Младите имаат централно место во нашата програма. Поранешна Лалуна ќе ја претвориме во младински културен центар. Најдобрите ученици и студенти ќе добиваат стипендии. Политиката ќе ја тргниме од училиштата. Ќе го оживееме спортот во градот“ рече Китев и најави целосна реконструкција на спортско рекреативниот центар „Јасмин“ и изградба на велосипедска патека од Ваташа до Моклиште.
Во своето обраќање Китев на старите лица им вети изградба на стеречки дом, и се обврза дека општината подеднакво ќе ги подобрува условите за живот и во селата.
„Ова срце ќе чука за вас 4 години и нема никогаш да ве заборави“ порача Китев.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев убедуваше дека Китев е сигурен победник на изборите во недела, бидејќи анкетите покажувале водство од 7% на четири дена по првиот круг на изборите. Им вети на кавадарчани силна подршка од владата за реализација на сите капитални проекти.
„Победата не е лесна, но ќе биде слатка и величенствена. Не бива бе брат Мите. Нема победа. Не е несреќен бројот 13, несреќен е Груевски чиј кандидат си. Тебе Мите никој неможе да те тргне од Кожувчанка. Сметај на подршка од твојата влада, на подршка од општината која ќе ја води Бетиане Китев“ му порача Заев на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Јанчев.
Тој посочи дека партијата на Груевски имала шанса и преку локална и преку централна власт да направи нешто за Кавадарци, но таа шанса ја испуштиле.
„Има да се работи чесно и одговорно. Имаме сериозни владини и локални политики. Ќе оздвоиме 95 милиони евра за рамномерен локален развој. Централната власт има намера да се развластува. Месните и урбаните заедници ќе бидат повторно правни субјекти. Граѓаните че ги кажуваат приоритетите, а општината ќе ги спроведува. Заврши времето на нечесни политичари“ рече Заев и упати предупредување до сите што ќе се обиделе да чепнат од парите на граѓаните дека ќе се соочат со кривична одговорност.
Тој потенцира дека Македонија е се што имаме и дека целиот негов имот е во Македонија. Немало да дозволи влакно да и фали на земјава.
„Вистински патриотизам е тоа кој ќе поголема среќа за граѓаните и повеќе пари. Иако велеа дека Заев ќе укинувал субвенции тоа не е така. Лозарите добија 2 денари дополнителни субвенции поради лошата година. Тоа ќе биде секогаш така, кога има проблем во земјоделството. Добро ја знам маката на земјоделците. Јас сум единствениот премиер што работел земјоделие и има фатено мотика. Кавадарци било вмровски град – мало сутра. Советот го добивме сега и Бетиан ќе стане градоначалник“ рече Заев и ги повика кавадарчани да се охрабреле и да гласаат за поубаво Кавадарци, сите во јуриш, со пенкало во рака да гласаат за подобар живот во Кавадарци и да му дадат подршка на Бетиане Китев.
Ангел Данов

Додади коментар