ЛИ/2017 - Предизборни митинзи на СДСМ во Тиквешијата: Лозарите ќе добијат дополнителни 2 денари субвенција
30-09-2017 РЕГИОН

 

30.09.2017 (КТВ) 22:49

 

Од центарот на лозарството, вечерва, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, на лозарите им соопшти радосна вест. Поради лошата година за лозарството, производителите на грозје ќе добијат дополнителни 2 денари по килограм субвенција. Заев ова им го вети на кавадарчани пред полниот плоштад на вечерашниот предизборен митинг, на кој беа претставени кандидатот за градоначалник на Кавадарци од СДСМ, Бетиане Китев и советничката листа.

 

Китев ја побара подршката од своите сограѓани и нагласи дека Кавадарци никогаш порано не било сплотено за да победи на едни избори. Порача дека резултатот на 15 октомври ќе ги изненадел и најголемите оптимисти, ќе победел животот и во Кавадарци.

 

“Кога ја пишувавме програмата секогаш на ум ги имавме проблемите на граѓаните. За сите проекти направена е детална анализа. Ќе го гасифицираме Кавадарци за да плаќаат пониски сметки за енергија граѓаните и компаниите. Ќе изградиме модерен затворен градски пазар со паркинг простор. Нема повеќе родителите да се мислат каде ќе бидат згрижени нивните деца. Ќе изградиме нова детска градинка. Се обврзуваме да ги реконструираме сите улици. Ќе изградиме три кружни текови“ рече меѓу другото Китев.

 

За младите најави младински културен центар и бизнис стартап центри, стипдендии за учениците и студентите. „Никогаш повеќе директорите на основните и средните училишта нема да ги уценуват наставниците и професорите за учество во било каков политички настан. Ќе направиме целосна департизација на образовниот процес. На секој наставник и професор ќе им дадеме шанса. Спортистите во мене ќе имаат силен сојузник. Ќе го реконструираме градскиот стадион и спортскиот центар “Јасмин“. Ќе изградиме велосипедска патека од Ваташа до Моклиште. Кавадарци ќе го исчистиме, хигиената ќе биде на повисоко ниво“ рече кандидатот за градоначалник на СДСМ за Кавадарци.

 

Китев најави и промоција на винскиот туризам и враќање на сјајот на манифестацијата Тиквешки гроздобер, а најави и новини во работењето на општината со цел таа да биде достапна за сите граѓани. Пред присутните на митингот се обврза еднаш месечно да се појавува на тв дебата и да одговара на прашањата на граѓаните. Тој за највозрасните вети изградба на старечки дом. На лозарите им порача дека во него секогаш ќе имале сојузник за решавање на нивните проблеми.

 

„За овие избори знаете кој е аутсајдер, а кој е градоначалник по мерка. Избирате помеѓу корупција и нова иднина. Нема да дозволиме да станеме кираџии во сопствениот град. Јасно и гласно порачуваме Кавадарци не е на продажба. Срцето и душата на Кавадарци ќе победат на 15 октомври. Браќа и сестри од ВМРО-ДПМНЕ имате историска шанса да го казните криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори“ рече Китев и порача дека крајно време било на оваа нација да и се случи чесна генерација.

 

Заев: За секое дополнително производство и дополнителни субвенции од 10 отсто.

 

Лидерот на СДСМ и премиер на владата, Зоран Заев вечерва од градскиот плоштад побара подршка за Китев и советничката листа. Рече дека Кавадарци плачело за промени.

 

 

„Промени во Кавадарци конечно ќе има. Митко е најисплашен од сите. На овие избори гласот се дава слободно“ рече Заев и се осврна на реализираните проекти во првите сто дена по превземањето на централната власт. Потсети на покачената минимална плата, укинатата радиодифузна такса, донесениот закон за стечајци.

 

„Парите ги враќаме кај граѓаните. Нема ништо лошо во тоа кога народот има повеќе пари. Ја знам маката на земјоделците. Јас сум првиот премиер што фатил мотика. Додека дишам ќе ја имате мојата подршка“ рече Заев и најави дополнителни субвенции од 2 денари покрај досегашните два денари. Потенцира дека се зголемени и субвенциите за хектар лозова површина за 10 отсто.

 

„Слушај ја лекцијата Николче. Секое дополнително производство ќе биде наградено“ порача лидерот на СДСМ. Заев нагласи дека новото општинско раководство предводено од Китев ќе ја имало подршката и од централната власт за реализација на проектите кои се ветуваат посебно за проектот за гасификација од кој бенефит ќе имаат сите граѓани и стопанственици и за затворениот пазар.

 

„Благодарение на ДПМНЕ Фени е клекнат на колена. Трошиме и јас и Анѓуѓев енергија да го помогнеме работењето на Фени. Ќе го подржуваме стопанството, а ќе ја подржиме и Кожувчанка. Митко ќе си остане нејзин директор“ рече Заев и подвлече дека старата ера завршила. За него несватливо било тоа што го ветувал Груевски дека ќе се борел против криминалот. Праша како тоа Груевски ќе се борел против Никола Груевски. „Го лажат народот со некакви кампови за бегалци. Ние неможиме да си ги задржиме нашите граѓани. Какви бегалци, какви ѓаволи“ рече Заев. Подршка за чесно работење, како што рече во своето обраќање, побара и носителот на советничката листа на СДСМ, д-р Виолета Димитрова. „Овие избори се за вашата улица, маало, за нашето Кавадарци. Од овие избори зависи дали ќе добиеме нова локална власт за враќање на животот или ќе дозволиме да остане корумпираната власт“ рече д-р Димитрова и презентираше дел од проектите кои ќе бидат реализирани доколку ја добијат локалната власт.

 

Предизборни митинзи денеска СДСМ и коалицијата имаа и во Неготино, Демир Капија, Росоман и Градско.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар