ЛИ 2021/ Јанчев ги најави првите пет проекти од изборната програма (видео)
27-09-2021 РЕГИОН

Кандидатот за градоначалник на Кавадарци од редовите на  ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Митко Јанчев денеска ги претстави првите пет проекти од изборната програма. , за која рече е развојна иновативна квалитетна и остварлива  програма, која содржи 180 проекти.

 

Јанчев најави бесплатен оброк за 1800 улченици до петто одделение, модерен трговски центар, заобиколница од месноста „Маренски уши “ до Катуниште, зоолошка градина. Нагласи дека ќе води позитивна кампања.

 

 

(интегрален текст од прес конференцијата)  Четири години, заедно со Вас, го развиваме Кавадарци, кое за сите нас е на прво место.Денес  живееме во поубав и помодерен град, во град кој е безбеден за нас и нашите деца.  Заеднички ја реализираме визијата за Кавадарци.

Дозволете ми денеска на почетокот на оваа кампања да ја претставам програмата со која повторно ја барам довербата од граѓаните на Кавадарци.Станува збор за развојна иновативна квалитетна, но пред се остварлива програма, која содржи 180 проекти.

Во изминативе четири години реализиравме огромен број проекти од кои дел беа содржани во нашата програма, но дел беа и предлози од граѓаните.

Посебно сум задоволен од успешната реализација на проектите Мој општинар,Зелен пазар,Градски Парк, изградба на спортската сала Страшо Пинџур, огромниот број асфалтирани улици, реконструкцијата на сите три влеза во градот, велосипедската патека на Моклиште, реконструкција на кејот и уште многу други.

Дозволете ми пред вас денеска да ги презентирам првите пет проекти од новата програма.

За нас младите секогаш биле најважни. Затоа во програмата посебно внимание посветуваме на младите и на нивните потреби.

Првиот проект кој би сакал да го издвојам од оваа квалитетна програма е проектот за бесплатен оброк за сите ученици до петто одделение во Кавадарци, преку кој за сите ученици од прво до петто одделение ќе има обезбеден бесплатен оброк во нивните  училишта. Со тоа, околу 1.800 ученици ќе добиваат по еден здрав оброк на ден со специјално мени подготвено од нутриционист.

Вториот голем проект кој ќе го реализираме е овозможувањето за изградба на модерен трговски центар – Кавадарци мол, кој би нудел содржини за деца и млади, мини забавен парк, дел за шопинг и привлекување на познати светски брендови, маркети за прехрамбени производи и угостителство. Проектот е со вредност од 110 милиони денари и ќе биде реализиран како приватна странска или домашна инвестиција. Општина Кавадарци и јас ќе направиме се да овозможиме привлекување на инвеститор за изградба на современ мол за граѓаните на Кавадарци, но и за сите граѓани од целиот овој регион.

Третиот проект исто така е наменет за младите,за родителите, за нивните деца но и за сите граѓани на Кавадарци. Дозволете ми да ве информирам дека во наредниот четири годишен мандат во Кавадарци ќе изградиме зоолошка градина со локација на ул. Дисанска наспроти градскиот парк ,,Љупчо Шкартов,,. Во склоп на зоолошката градина ќе функционираат стрелачки клуб, апартмани за сместување на гости, административен дел, угостителски објект, детско катче и аквариум.Создаваме урбан и модерен град за сите млади.

Кавадарци е спортски град кој очекува многу успеси во сите спортови. Затоа како четврт проект денеска го издвојувам проектот за изградба на затворениот базен на локацијата на поранешна Ла Луна во кој ќе предвидиме модерни Спа содржини, сквош терен,теретана, детско катче и кантина. Целта е  младите да се занимаваат со спорт уште од најмали нозе.

Последен проект кој сакам денеска да го промовирам и кој претставува еден од најголемите инфраструктурни проекти е проектот за изградбата на заобиколница која ќе почнува од местото викано Маренски уши – Дрексл Мајер – Југо Комерц – Катуниште. Оваа сообраќајница има за цел целосно да го намали протокот на тешки товарни возила низ градското подрачје.

Овој проект ќе го реализираме во соработка со ЈПДП.

Ова се само дел од 180 –те проекти од нашата изборна програма. Денес најавуваме позитивна кампања, во која повторно ќе ја бараме довербата од граѓаните преку презентација на тоа што досега го имаме сработено за општина Кавадарци и она што планираме да го реализираме во иднина, а со цел Кавадарци да го поставиме на мапата на урбани, модерни,европски центри.

Се надевам и посакувам да имаме позитивна кампања, фер и демократски избори.

 

 

 

 

 

 

 

 



Share

Додади коментар