Лето без рестрикции на водата за пиење во Кавадарци
25-09-2013 РЕГИОН

Кавадарци го помина летото без редукции во водоснабдувањето, за разлика од претходните години кога редукциите на вода за пиење им создаваа главоболки на кавадарчани. Ова го соопшти раководителот на работната единица за водовод и канализација при јавното претпријатие “Комуналец” од овој град, Марјан Прескакулев.


-Преземавме низа мерки со кои ги намаливме ненаменската потрошувачка на вода за пиење и дивите приклучоци во системот за водоснабдување. Веќе 5 години континуирано ја спроведуваме акцијата за замена на старите водомери со нови. Го инсталираме и скада системот со кој се врши мониторинг на водоснабдителниот систем и со далечинско се регулира притисокот на вода во него. Навремено ги санираме дефектите и се обидуваме да им укажеме на граѓаните за ефектите од домаќинското трошење на водата за пиење-објасни Прескакулев.


Тој нагласи дека сето тоа допринело за квалитетно водоснабдување. Во најжешките денови со температури од околу 40 степени дошло до намалување на притисокот на водата во чешмите во одделни периоди од денот во повисоките зони на градот, но редукциите на вода кои беа карактеристични за Кавадарци станале минато.
С.Д.



Share

Додади коментар