Крадци му го обрале грозјето од лозјето
08-10-2013 РЕГИОН

Крадци го обрале грозјето од лозјето на кавадарчанецот Зоран Соколов. Фотографиите направени денес во неговото лозје јасно говорат за тоа дека крадците биле немилосрдни па оставиле грозје по земјата. Се работи за грозје од десертната сорта молдавија која на пазарот достигнува цена од 30 денари за килограм. Обрани се околу еден тон и половина грозје. Штетата е околу 40 илјади денари. Лозјето е близу градот.


-Најверојатно краделе синоќа па во темнината и без ножици еве што оставиле зад себе кинејќи грозје со рацете. Обрани се овие четири реда. Цело време се мачевме, работевме со многу љубов во лозјето, секој ден доаѓавме на нивата, го гледавме како мало дете, му се радувавме, а еве што не снајде. Сега кога е да го бериме плодот на нашата работа, видете што ни се случува. Се си мислам дека грозјето е едноставно “дрпано” со цел од него да се пече ракија а штета е од трпезно грозје да се вари ракија. Ние бевме вчера до 15 часот на лозјето, изгледа не исчекале да си одиме па да го нападнат грозјето-рече таткото на Зоран, Петар.
Соколови велат дека ова не им е прв пат да им се случува кражба. Пред некое време исто така им било обрано грозје од сортата кардинал а крадци им имаат украдено и лозови прачки и колци за лозје. Им бил опљачкан и подрумот каде покрај ракијата им бил одземен и разновиден алат а штетата била над 200 илјади денари.


75 годишниот Петар Соколов исто така кажа како еднаш во лозјето била нападната од крадци неговата 5 години помлада сопруга при што и бил одземен мобилниот телефон а таа доживеала стрес. Тој исто така нагласи дека планира да спие во лозјето и да го чува па тешко на тој што ќе се обиде да дојде повторно да краде. Ќе го брани лозјето од крадци со сите расположливи средства и до последен здив.

 Светлана Дарудова



Share

Додади коментар