КОМЕНТАР: Маски се помалку се носат, се повеќе собиранки и лумперајки
20-07-2020 РЕГИОН

 

Бројот на нови заболени од корона вирус и починати во земјава секојдневно расте. Наспроти тоа се повеќе опаѓа одговорноста на граѓаните кон заштита на сопственото и јавното здравје.  Се помалку се почитуваат основните мерки за заштита, а тоа е задолжително носење на заштитна маска и одржување на дистанца од 1,5 до 2 метри.

 

Граѓаните, пред се младите секојдневно се групираат во поголеми групи без да ги почитуваат овие мерки. Кафулињата се полни, но таму речиси никој од гостите не ги почитува заштитните мерки. Се прават семејни прослави со голем број гости. Минатата недела се одржаа и избори. Сеуште има граѓани кои не веруваат дека вирусот е присутен и дека е опасен.

Сето ова оди во прилог на неконтролирано ширење на вирусот.

 

Денеска од СВР Велес информираа дека на ниво на сектор за внатрешни работи Велес викендов се казнети само 69 граѓани и тоа 55 во Велес, само 6 во Кавадарци и осум  во Неготино. Ова покажува дека полицијата многу малку ги казнува граѓаните кои не носат заштитна маска.

 

Голем е бројот на граѓани кои стравуваат за сопственото здравје и здравјето на своите најблиски и целосно ги почитуваат мерките, но бадијала, кога сеуште има граѓани кои целосно ги кршат препораките на здравствените власти и дозволуваат слободно ширење на вирусот.

 

Нелогично е тоа што училиштата не работеа долг период, а по се изгледа нема да работат и од септември. Не работат градинките,  иако за многу родители тоа е неопходно, но турбо работат угостителските објекти каде се прават масовни журкања без да се застане на патот на ширење на вирусот. Зарем толку малку свест и култура има кај некои поединци?

 

Многу граѓани се противеа на полицискиот час, а сега бараат повторно да се воведе. Но тука се поставува прашањето,  која е оправданоста на таква рестриктивна мерка,  кога полицијата не ги казнуваше оние кои го прекршуваа и слободно се шетаа додека траеше ограничувањето.

 

Посебно иритира моментот кога дел од граѓаните стануваат експерти и ги негираат тврдењата на стручњаците. Даваат слободни проценки дека вирусот не е опасен, а во меѓу време згаснаа голем број животи, меѓу нив заминаа и млади луѓе кои немале никакви други заболувања, туку настрадале единствено од компликациите на вирусот.

 

Навистина е нејасно,  што е толку тешко да се носи заштитна маска? Зарем не се грижите за сопственото здравје и здравјето на вашите најмили? Зарем ви е сеедно ако се заразите со вирусот, а притоа заразите и голем број на луѓе, од кои некои можат да го загубат и животот?

 

Одговорете ги овие прашања, а потоа продолжете како мислите, но некогаш е доцна за каење. За сопствените грешки и лоши однесувања неможе да биде виновен никој!

 

Македонија е во топ 10 во Европа и убедливо прва во регионот и според бројот на починати од почетокот на пандемијата со регистрирани 203 жртви на милион жители. На врвот во Европа е Беглија со 845 починати ма еден милион жители. Следат Британија, Шпанија, Италија и Шведска со стапка на смртност меѓу 500 и 600 на секој милион жители

 

Ангел Данов

 

 



Share

Додади коментар