Kоледарчињата утрово го најавија Рождеството Христово. Низ улиците одекнуваше песна. Домаќинките чии домови ги посетија коледарчињата, ги даруваат со подговени колачиња, со ореви, мигдали, костени,овошје и пари. Сите ги очекуваа да дојдат, да влезат во домовите и да им донесат радост и берикет.
Во домовите на граѓаните започна и подготовката на бадниковата вечера. Таа на трпезата, вечерва, ќе го собере семејството. Сите јадења кои се подготвуваат се посни. Така освен традиционалниот зелник со праз, сарма, пржена и печена риба, грав ќе има и многу овошје.
Во специјално подготвено лепче се наоѓа паричката која секој еден член во семејството очекува да му се падне токму него. Лепчето ќе го крши најстариот член во семејството, прво на пола и од првата половинка дел ќе му биде наменет на Господа, потоа на куќата и на имотот. Од втората половина парче ќе добие секој член на семејството. Оној кој ќе ја добие паричката годинава ќе може да очекува најмногу здравје и берикет.
Додади коментар