Кварталниот извештај и ребалансот на буџетот ја вжештија предизборната атмосфера
14-11-2016 РЕГИОН

За тоа како се полнеше буџетот на Кавадарци и се трошеа парите од општинската каса денеска дебатираа советниците во кавадаречкиот совет во рамки на 51-та седница.

 

На дневен ред беше и ребалансот на буџетот. Опозицијата со остри забележки дека буџетските пари најмногу се трошеле за плати на администрацијата, а најмалку за инфрструктурни проекти. Поради тоа општината била принудена да се задолжува со кредити. Советниците од мнозинството пак рекоа дека најголем дел од ветеното реализирале.

 

„Кварталниот извештај е одраз за недомаќинско и незрело управување со парите на граѓаните. 227 милиони денари од буџетот се потрошени за плати и затоа народот вели, нема ништо направено. Оваа власт ја интересира само колку партиски војници да се вработат во администрација како гласачко тело“ обвини советникот од СДСМ, Зоран Бањански. Според него тоа било главна причина што немало пари за изградба на улици и други проекти од интерес на граѓаните.

 

На неговата дискусија процедурално интервенираше советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јованчев, со укажување, советниците да се држат до точките на дневен ред без политички страсти.

 

Советникот од СДСМ, Горан Белевски со оценка дека кварталниот извештај и ребалансот биле реална слика на состојбите во Кавадарци. Градоначалникот потрошил 80 милиони евра, а не било изградено ништо во изминатите години.

 

 „Секоја година ги преценувате  приходите. Целта ви е да ветите пред граѓаните се и сешто, а потоа не е важно дали ќе се реализира. Усвојувате одлуки со плацебо ефект. 60% од буџетските пари во овие 9 месеци се потрошени за плати на општинската администрација. Платите ги јадат останатите надлежности на општината од кои бенефит би имале сите граѓани, затоа мора да земате кредит.“ рече Белевски и наброја проекти кои градоначалникот Панов и ВМРО-ДПМНЕ ги ветувале во изминатиот период, а кои не биле реализирани. Ги спомена изградбата на нова детска градинка, нова против пожарна зграда, аква парк, затворен пазар. Рече дека иако се одржала манифестација за ставање на темели на училшна спортска сала во ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ таа сала сеуште не е изградена.

 

„Невработеноста била 9,8% во Кавадарци. Со само уште едно иселување на младите невработеноста ќе падне на 1% рече Белевски.

На дискусијата на Белевски реплицираше Јованчев. Рече дека сите проекти кои биле ветени ќе се реализирале, доколку немало реализација ќе им се извинеле на граѓаните.

 

Процедурално интервенираше и советникот Ташо Радњански. Тој посочи дека советниците и од опозицијата и од власта забегувале од дневен ред бидејќи неколку месеци немало советнички прашања.

 

„Не бегаме од фактите, но треба да се земат во предвид  и проектите кои се реализирани. Над 2 милиони евра е само проектот за водоснабдување. Ја подобривме енергетската ефикасност во образовните институции  и градинките. Ребалансот на буџетот не значи дека тие проекти нема да се реализираат. Се доцни со реализација на ветеното бидејќи СДСМ те сака те несака избори, а кога во период кога се закажани избори не смееме да работиме на терен“ рече советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Анита Гинова-Каракутова.

 

„Мака мачите да го оправдате градоначалникот, но, тешко. Ако беше се во ред и тој ќе беше присутен на седница. Од 2009 се ветува нова детска градинка, колектор и пречистителна станица во Марена и сеуште ништо не е реализирано. Проектот за водоснабдување за кој говорите е од пред 6 години. Кога баравте гласови не кажувавте дека ќе се задолжувате“ реплицираше Белевски.

 

СОветникот Сашко Петров во својата дискусија обвини дека иако градоначалникот ветувал изградба на кејот до мостот „Слога“, сепак тој проект се реализирал само до поранешната фабрика „Таска“.

„Рестрикции на вода во минатото имаше благодарение на вашиот кандидат за пратеник Панчо Минов“ рече Петров.

 

„Во време на СДСМ немаше потреба од градинки затоа што сите беа дома и си ги чуваа децата, не беа вработени“  реплицираше Гинова Каракутоива.

 

По неколкуте дискусии и реплики ребалансот на буџетот и кварталниот извештај беа усвоени до 8 гласа „За“ , 6 „против“ и 1 „воздржан“.

Во образложението на кварталниот извештај се наведува дека остварувањето на сите приходи во општинскиот буџет е во износ од 424.453.644 денари од планираните 834.610.000 денари или 50,86%.

 

Во рамки на 51 та седница советот го усвои планот на програмите за развој, измените и дополнувањата на програмите за градежно земјиште и за урбанитички планови.

 

Едногласно беше усвоен извештајот за работа на општинскиот совет за превенција на град Кавадарци за 2016 година, нацрт урбанистичкиот план за село Сопот и одлуката за кофинансирање на проектот за реконструкција на речното корито на реката Луда Мара.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар