Проектот за енергетска ефикасност во кој се вклучени 8 општини од Вардарскиот регион веќе почнува да се реализира. Денеска во Неготино се сретнаа градоначалниците од осумте општини со директорот на Агенцијата за енергетика, Лазар Гечевски. Беше пуштена во употреба и канцеларијата на заедничкото одделение за енергетска ефикасност на општините од Вардарскиот плански регион, како и Информативниот Центар за енергеска ефикасност во Желкова куќа.
Станува збор за реализација на проект врз основа на предходно склучен договор од страна на градоначалниците, кој според зборовите на директорот Гечевски претставува одличен пример за меѓуопштинска соработка за заедничко спроведување на локалните надлежности и препорача примерот да го следат и имплементираат и останатите региони во земјава.
-Агенцијата во повеќе наврати ја истакнуваше потребата од отворање на повеќе инфоцентри за енергетска ефикасност во државата, така што многу ме радува што оваа идеја започна да се реализира. Особено ме радува што општините се повеќе придонесуваат за енергетската ефикаснот-рече директорот.
Претставничката на УНДП во Македонија, Луиза Винтон ги поддржа напорите за намалување на трошоците за енергија и додаде оти УНДП подолг период соработува со општините за промоција на поефикасно користење на енергијата посебно во објекти од јавниот сектор.
Канцеларијата за енергетска ефикасност е целосно опремена потребната ИТ опрема, а набавена е и специјализирана опрема за вршење на контрола и мерење на потрошувачката на енергија, за што УНДП издвои 15.000 долари.
А.Д

Додади коментар