Како живеат децата со аутизам во помалите места?
11-09-2013 РЕГИОН

„Да платиме приватен дефектолог кој ќе работи со син ми е прескапо, а нашите џебови се плитки. Згора на се’ не постои дневен центар за децата со попреченост, кој би се грижел за нивниот психички развој“.

Вака Неготинката Соња Иванова ја почнува својата семејна приказна за својот петгодишен Христијан којшто има забавен психички развој и полесен аутизам.

„Од раѓањето се’ беше во ред, но периодот околу втората и третата година кога син ми требаше да почне за се развива, да зборува, да препознава бои, тој воопшто не покажуваше знаци на љубопитност и нормален развој како кај другите дечиња“, вели Иванова.

Сега Христијан е пет години и има потреба од вежби со стручњаци за да го подобри својот говор, но и за да напредува повеќе психички. До сега посетувал дефектолог, но цената била превисока, така што се откажале после некое време.

На отворени врати наишле во дневниот центар за лица со посебни потреби над 18 години, Порака од Неготино, каде што стручен дефектолог работел со Христијан. Оттаму велат дека тој постигнал голем напредок и видливи резултати додека доаѓал на вежби.

Дефектологот Радица Донева Маркова вели дека во Неготино е неопходно да се обезбеди бесплатна стручна помош на малолетните лица со забавен ментален развој.

„Дневен центар за дечињата со аутизам, но и за сите деца со пречки во развојот, до осумнаесетгодишна возраст е неопходен. Може да се постигне огромен напредок ако се работи интензивно и континуирано со нив. Вака, децата се оставени во рацете на беспомошните родители“, нагласува Маркова.

Семејството на Христијан апелира да се обезбеди центар кој ќе се грижи за децата со забавен психички развој и секаков вид ментална или физичка попреченост.

Инаку, во Македонија се регистрирани околу 1600 деца со умерени и тешки пречки во менталниот развој, а има 23 дневни центри кои се грижат за нив. Во Неготино не постои дневен престој за овие деца.

Елена Данова

 



Share

Додади коментар