Кавадарчани се гушат со ПМ10 честички
13-12-2017 РЕГИОН

 

Над 180 мигрограми на метар кубен е нивото на суспендирани ПМ10 честички во воздухот во Кавадарци. Ова е неколу пати повисоко ниво од максимално дозволените 50 мигрограми на метар кубен. Ваквите податоци кои доаѓаат од мерната станица на Министерството за животна средина и просторно планирање во Кавадарци покажуваат дека кавадарчани континуирано дишат загаден воздух.

 

Утринава во 9 часот нивото на ПМ10 беше 183 мигрограми на метар кубен. Најзагаден бил воздухот со овие честички минатиот петок кога на метар кубен ги имало 550 мигрограми на метар кубен. Ваквата концентрација покажува екстремно загадување.

 

Суспендирани честички (PM) се многу мали честички на чад, прав или други материи, вклучувајки и тенки капки на течности. Изворите на загадување се индустријата, дизел машини, термоелектрани, прав разнесуван од ветер, печки на дрва / јаглен, согорување.

 

ПМ10 претставуваат мали честички Според Агенцијата за заштита на животна средина на САД, честичките помали од 10 микрометри се уште поопасни бидејќи се вгнездуваат длабоко во белите дробови и можат да навлезат дури и во крвотокот и да предизвикаат негативни здравствени ефекти како предвремена смрт кај лица со срцеви и белодробни заболувања, неправилно работење на срцето, влошена астма и намалена функција на белите дробови, иритација на очите. Најновите истражувања покажуваат дека загадениот воздух предизвикува и деменција и алцхајмер.

 

И покрај големото загадување на воздухот засега не се превземаат никакви мерки за намалување на загадувањето. Неодамна општина Кавадарци потпиша меморандум за соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ за поставување на мерни станици на повеќе локации кои ќе го следат квалитетот на амбиенталниот воздух.

 

Проф. д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје предупредува дека Скопје е водечки град во Европа според загадувањето со помалите и поопасните ПМ 2.5 честички и дека во Скопје секој трет умира од загадениот воздух. Во просек, аерозагадувањето го крати животниот век за најмалку 4 години.

 

  Загадувањето на воздухот не е само криза, туку е елементрана непогода како пожар или поплава. Светска Банка проценува дека во Македонија од загадениот воздух гинат 1.350 граѓани годишно. Во просек четворица граѓани гинат дневно заради загадениот воздух. Светска Банка ја рангира Македонија на петто место во Европа според најмногу смртни случаи заради загадување со ПМ честички, со што се прави економска загуба од €253 милиони годишно или 3.2% од БДП.

 

Лекарите објаснуваат дека чувствителни групи со претходно постоечки белодробни или срцеви заболувања, како и стари лица и деца се особено ранливи. Децата се најосетливата група, затоа што имаат организам во развој и побрзо дишат, а со тоа и побрзо внесуваат загадени материи во телото. Според анализа на Институтот за јавно здравје при Министерството за здравство, секое второ дете кое побарало лекарска помош во 2015 година имало респираторни проблеми. Аерозагадувањето го намалува имунитетот на децата и ги прави подложни на хронични болести.

 

Дозволениот број на надминувања на нивото на ПМ 10 честички годишно е 35 денови, но анализирајќи ги податоците од мерната станица се гледа дека кавадарчани на загаден воздух се изложени многу повеќе.

 

Aнгел Данов



Share

Додади коментар