Податоците од Центарот за јавно здравје Кавадарци покажуваат дека 95 отсто од населението во Тиквешијата пие исправна вода. Единствено проблем има со водата од селските водоводи и селските чешми.
Лани биле исконтролирани 600 мостри вода за пиење. Околу 400 мостри биле од градскиот водовод Лукар и сите се како физичко-хемиски така и бактериолошки исправни односно водата е безбедна за пиење.
Мострите на вода за пиење околу 150 земени од селските локални водоводи од кои само кај неколку се врши дезинфекција на водата односно хлорирање а останатите се оставени сами на себе , покажуваат голема бактериолошка неисправност и тоа од 40% до 70% .
„Кај останатите 50 мостри земени од други водоводни објекти (природни чешми и бунари), водата покажува најголем процент на бактериолошка неисправност од 80% до 90% . Кај бактериолошките неисправни мостри на вода се изолирани бактерии индикатори на фекално загадување, најчесто Ешерихија коли и Колиформни бактерии предизвикувачи на цревни заразни заболувања, додека физичко-хемиската неисправност е поради тоа што кај најголем број на локалните водоводи не се врши хлорирање на водата“ објаснува д-р Трајче Ризов, специјалист по хигиена.
Тој нагласува дека од сите резултати може да се заклучи дека градот Кавадарци, селата приклучени на градскиот водовод Лукар и села со локален водовод каде се врши хлорирање на водата со вкупно 40 740 жители или 95% од вкупното население во двете општини , редовно се снабдуваат со хигиенски исправна вода за пиење, додека кај 5% или 2 142 жители водоснабдувањето е ризично, преку локални селски водоводи, природни чешми и бунари.
Од Центарот за јавно здравје препорачуваат да се изврши асанација на сите локални селски водоводи и да се спроведе редовно дезинфекција односно хлорирање на водата за да се добие безбедна вода за пиење и кај ова 5% население.
Aнгел Данов
Додади коментар