Мирно и достоинствено вечерва кавадарчани излегоа на протест против одлуката на претседателот Иванов за помилување. Дадоа поддршка на Специјалното јавно обвинителство и побараа да одговараат сите кои направиле криминал.
„Нема правда-нема мир, Оставка, Фамилија -мафија“ беа само дел од извиците кои се слушаа на масовниот протест, кој започна од новиот центар на градот, кај катастарот. Потоа граѓаните застанаа пред просториите на ОК на ВМРО-ДПМНЕ каде исто така се слушаа извици за оставка од Иванов.
По неколку минутно скандирање протестот продолжи низ улиците на градот. Реката граѓани беа поздравувани од луѓето присутни по тротоарите, од околните згради, а дел од нив се приклучуваа на протестот.
„ Ова засега е само почеток и секој ден во исто време ќе се собираме тука да го изразиме револтот бидејќи криминалот е огромен, треба да се отповика Иванов, изборите на 5 јуни мора да се одложат, за сите преговори мора да се вклучат и непартиски луѓе.“ рече Ненад Јовановиќ, граѓански активист.
Општинската зграда беше под полициско обезбедување, но протестот беше мирен. Овде повторно граѓански активисти ги кажаа барањата од кои, како што рекоа нема отстапување.
„Бараме итна и неотповиклива оставка на Ѓорѓи Иванов од функцијата претседател, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање на специјално одделение на кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарните избори на 05 Јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, формирање на преодна влада која што ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на „ПРИБЕ“. Дотогаш нашата политичка борба останува на улиците“ беше речено на протестот.
Поддршка на граѓанското движење „Протестирам“ дадоа и членовите и симпатизери на СДСМ од Кавадарци.
„Денеска сме на протест во Кавадарци, кој што го организира граѓанската организација „Протестирам“. Социјалдемократскиот Сојуз како опозициона партија, дава комплетна поддршка на оваа граѓанска асоцијација, со тоа што стоиме цврсто на нашиот став, со барањата на претседателот Заев кој што ги изјави денеска, повлекување на одлуката за аболиција од претседателот Иванов, и повлекување на одлука за повлекување на предвремени парламентарни избори, бараме да се повлече оваа одлука со тоа што прво бараме да се овозможат фер и демократски избори, а потоа Социјалдемократскиот Сојуз ќе излезе на избори“ рече Зоран Ѓорѓиев, претседател на ОО на СДСМ Кавадарци.
По петнаесетина минути пред општинската зграда протестот заврши. Од „Протестирам“ најавија дека протести ќе има и утре со почеток од 18 часот.
A.Д
Додади коментар