Масовно и вечерва Кавадарци, по трет пат побараа оставка од претседателот Иванов. Кавадарчани дадоа подршка за СЈО и побараа повлекување на аболицијата. “Шареата револуција“ започна од пред катастарот. Се продолжи неколку метра до штабот на ОК ВМРО-ДПМНЕ каде се извикуваше „Лопови, фамилија – мафија“. Се продолжи по улицата „Илинденска“ каде се фрлаа бои на повеќе места. „Шарената револуција“ обои само дел од главната кавадаречка сообраќајница, а се фрли боја и на градскиот плоштад и пред скалите на општинската зграда која беше под полициско обезбедување.
Со силен аплауз беа поздравени полицајците за кои беше речено дека биле приморани да ги бранат криминалците од народот.
„Денеска Македонија е окупирана од домашен окупатор. Окупаторот кој ги окупира сите институции и ги стави во служба на партиите е фамилијата и ВМРО-ДПМНЕ. Доста е за угнетување и измачување на македонските граѓани. Додека во затворите лежат луѓе за украдени 100 ќебапи, на слобода шета крупниот криминал и сето тоа поради волјата на еден човек, кој за себе вели дека е претседател на РМ. Време е да му кажеме доста е на ова лудило наречено Никола Груевски“ рече Вуко Мелов, граѓански активист.
Пред присутните се обрати и советникот во кавадаречкиот совет од советничката група на СДСМ, Сашко Петров. Тој нагласи дека вечерва на протестот се приклучиле граѓани различни по порфесија, по пол, вера, по возраст и политичко убедување и социјална припадност.
„Вечерва сме сите заедно сплотени да ја ослободите Македонија од дикатурата на Никола Груевски и фамилијата. Веќе 10 години во оваа држава се владее со закани и притисоци. Но, нема од што да се плашиме. Излеговме решително да го победиме стравот, но и да ги ослободиме и охрабриме сите оние кои што работат во јавните институции и покрај сите закани и притисоци, сепак, храбро и достоинствено се меѓу нас“ рече Петров.
Се осврна на се она што било ветено од власта за Кавадарци, а не било реализирано.
„Доста е, бидејќи потрошивте милиони за споменици, а не одвоивте ни денар за детска градинка во Кавадарци. Доста е бидејќи ветивте нов пазар, а не изградивте. Доста е бидејќи о општина Кавадарци се потрошени над 70милиони евра, а ништо не е направено во Сопот, Глишиќ, Дреново, Возарци. Доста е, бидејќи многу мајки плачат, затоа што нивите деца ја напуштија државата поради вас. Доста е бидејќи полицајците ги завртивте против сопствениот народ, со единствена причина, да ве бранат од казната која ви следува. Бидејќи многу зло нанесовте на овој народ“ нагласи Петров.
Протестот на „Шарената револуција“ беше подржан и од членови и симпатизери на СДСМ. Пред присутните се обрати претседателот на ОО на СДСМ, Зоран Ѓорѓиев.
„Би сакал да ви кажам една многу важна работа. Со Никола Груевски и криминалната банда околу него е готово. На Груевски и криминалната банда не им верува никој повеќе, па ни контра протестантите кои што секој ден ги шетаат од град во град. Кои ги уценуваат за своето работно место, кои поради сендвич приморани се да бидат само бројка за да ги бранат криминалите на одредена група, која ја опустоши Македонија во овие 10 години“ рече Ѓорѓиев.
За цело време на протестот се слушаше македоската песна „Во борба, во борба македонски народе...“ По обраќањето на говорниците протестот заврши мирно.
А.Д
Додади коментар