Кавадарчани го прославија Свети Трифун
14-02-2014 РЕГИОН

Благослов за бериќетна година денеска на празникот на лозарите Свети Трифун упати Митрополитот на Повардарската Епархија, г.Агатенгел. Тој со свештено служители од епархијата и градоначалникот на Кавадарци, Алескандар Панов ја закроија црковната лоза во дворот на храмот Свети Димитрија. Верниците, како што налага традицијата, земаа лозови прачки кои ќе ги однесат на лозовите насади за да истите бидат родни и заштитени од болести и штетници.

На закројувањето во црквата претходеше церемонија на закројување и на градскиот плоштад.  Таму актери од кавадаречкиот театар изведоа драмски перформанс претставувајќи го одбележувањето на денешниот празник на едно кавадаречко лозарско семејство. Импровизираната лоза ја закроија градоначалникот Александар Панов, претседателката на советот Горица Пеливанова-Вилхелм, советници и гости од амбасадите во земјава кои дојдоа на прослава на празникот.

На градскиот плоштад настап имаше и ФА Тиквеш со сплет од народни игри, а „Тајфата на Димо Дулот“ беше задолжена за расположението на присутните. Повеќе  винарии  и здруженија на граѓани на штандовите ги претставија своите производи од вино, ракија и специјалитети подготвени од грозје, кои имаа можност да ги дегустираат и гостите од страна кои беа дел од прославата на празникот.

А.Д



Share

Додади коментар