Општина Кавадарци ќе аплицира со проект за изградба на дел од главен колектор за отпадни води до пречистителна станица, пред Министерството за животна средина и просторно планирање. Аплицирањето е согласно конкурсот за распределување на средства за финансирање и реализирање на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2015 година што го распиша министерството.
На последната седница советот даде зелено светло општината да учествува со соптвени средства во овој проект бидејќи тоа е еден од критериумите од конкурсот.
Вкупната вредност на проектот изнесува 4.386.688 денари, учеството на општината ќе биде со половина од оваа сума или со средства во висина од 2.193.344 денари. Другата половина ќе биде обезбедена од МЖСПП.
Проектот опфаќа изградба на дел од главен колектор за отпадни води во должина од 617 метри, со цел негово финализирање до предвидената локација за пречистителна станица.
А.Данов

Додади коментар