Кавадарци ја гради стратегијата за економскиот развој во следните пет години
17-09-2014 РЕГИОН

Каде и во која насока  ќе се движи економскиот развој на општина Кавадарци во периодот од 2015 до 2020 година беше тема на првата работилница што денеска се одржа во Кавадарци, поврзана со изработката на стратегија за локален економски развој.

 

Индустрија, земјоделство, инфраструктура и урбанизам се главните насоки во кои ќе се развива општината. Стратегијата за локален економски развој ќе биде рамка за дејствување, која ги зема во предвид расположивите ресурси, пречките и можностите и ќе води до економскиот развој. Стратешкото  планирање е средство за планско прилогодување на околината кон промените,  утврдување на приоритетите и насочување на ресурсите кон обезбедување на нивно максимално искористување и ставање во функција на локалниот економскиразвој.

 

„Општина Кавадарци заедно со уште 7 други општини од Вардарски плански регион  аплицираше и доби проект за изработка на стратегии за ЛЕР. Најголема цел ни е да ги инкорпорираме, односно вклучиме и граѓаните во процесот на одлучување, кога се работи за еден ваков важен документ, за тоа каде ќе се движи развојот на Кавадарци. На оваа работилница имаме за цел да ја  утврдиме визијата,  да се дефинира мисијата на општина Кавадарци како и целите и активности како Кавадарци ќе се развива во наредните пет години. Неодминливо е дека реалните економски текови се насочени кон индустрија, тоа е веќе јасно со новите инвестиции. Имаме најави на нови инвестиции и во винарството. Очекувам дека наредната визија на општина  Кавадарци  ќе се движи помеѓу индустриски развој, но и на лозарството, винскиот туризам како неодминлив детал во развојот на општина Кавадарци. Очекувам како битен еленмент во оваа стратегија да биде одржливиот развој, што значи здрава животна средина и развивање на општина Кавадарци без оставање на поголеми еколошки траги зад нас“ рече раководителот на секторот за ЛЕР при општина Кавадарци, Тодор Ефремов.

 

Стратегијата ја изготвува тим на експерти од Економскиот институт во Скопје. Нацрт верзијата на стратегијата ќе биде готова за околу еден месец кога повторно ќе се одржи работилница на која ќе се слушнат размислувањата на невладиниот сектор, граѓаните, компаниите, образовните институции, рече Марјан Степановски, член на одборот на изработка на стратегијата.

Ангел Данов



Share

Додади коментар