Континуирано се зголемува бројот на болни од грип во земјава. Иста е состојбата и во Кавадарци. Последната недела во Центарот за јавно здравје биле евидентирани 1024 нови случаи на грип. Ова не е реална бројка бидејќи многу од болните се лекуваат во домашни услови велат лекарите.
„За една недела имаме енормно зголемување на бројот на нови заболени од грип. 1024 нови случаи на грип имаме во Кавадарци и Росоман со што вкупниот број на заболени од почетокот на сезоната досега достигна 1420 болни. Ова, според бројот на жители е голем број“ рече д-р Ристе Јовановски, епидемилог од кавадаречкиот Центар за јавно здравје.
Највисока инциденца од 2.379,5/100.000 се пријавени од подрачјето на Кавадарци, а втора највисока инциденца од 1.954,9 се регистрира во Свети Николе, па во Велес. Границата за многу висока активност е надмината уште во 10 градови.
И ова недела најголем број заболени се од возрасната група од 15-64 години, што не претставува значајна промена на процентуалното учество од претходната недела (66,1%). Во пријавените случаи од 52. недела, децата на возраст од 5-14 години учествуваат со 18,4 отсто, лицата над 65 години со 9,8 отсто и децата од 0-4 години со 6 отсто.
Во текот на оваа недела во вирусолошката лабораторија на Институтот се тестирани 24 примероци на присуство на вирусот на грип, при што 17 или 70,8 отсто се позитивни за присуство на вирусот на грип тип А, и сите припаѓаат на A/H3 подтипот.
Лекарите советуваат да се пијат витамински напитоци, против покачена температура да се земаат антипиретици, а не антибиотици на своја рака. Доколку состојата кај болните се комплицира задолжително да се бара лекарска помош. И она што е најважно, за време на празниците да не се собираат повеќе лица во затворени простории, а болните да бидат изолирани.
Здравствените власти размислуваат и за прогласување на епидемија, особено во Кавадарци.
Поради сезоната на грип и најавите за ниски температури, брза помош Кавадарци ќе работи со засилени тимови, информираше денеска началникот на брза помош, д-р Антоан Паракеов. Тој упати апел до сите граѓани, доколку се остварат прогнозите за поларниот бран без потреба да не се излегува на отоврено, или доколку мора да се заврши некаква неопходна обврска тоа да се прави во периодот од 11 до 15 часот. Апелот до сите хронично болни да ја земаат редовно пропишаната терапија.
Ангел Данов

Додади коментар