Кавадарци попладнево го доби првиот жител за 2014
01-01-2014 РЕГИОН

Попладнево во 16 часот се роди првото бебе за 2014 година во Кавадарци. Бебето е машко, а на свет го донесе 26 годишната Суада Муниши. Ова е петто дете во семејството Муниши. Половина час по првото, се роди и второто бебе во новата година. И тоа е машко.

„Првото бебе се породи со тежина од 3200 грама и долго е 49 сантиметри. И бебето и мајката се во добра состојба. Второто бебе се породи со царски рез,  после половина час“ рече д-р Бранко Поповски, началник на гинеколошко-акушерскиот оддел во кавадаречката болница.

 Вечерва во посета на новороденчето и мајката беше градоначалникот Александар Панов. Им предаде подароци од локалната самоуправа, а подароци добија и останатите родилки на гинекологија.

„Првото бебе е машко што занчи ќе имаме машка година. И да беше женско ќе речевме дека ќе очекуваваме плодна година. Битно е ова за популационата политика на државата. Им честитам на родителите,  со желби дека ќе имаме поголем број на новороденчиња оваа година“ рече Панов и нагласи дека за сите новороденичиња општината ќе им исплаќа на родителите еднократна помош од 6000 денари.

Лани во кавадаречката болница се родиле 552 бебиња. Д-р Поповски вели дека бројот е мал споредено со период од пред 20 години.

„Лани имавме  552 породувања. Доминират машките, 299 од новородените се од машки пол. 2013 имаме нешто повеќе  бебиња од 2012.  Пред дваесетина години оваа бројка се однесуваше само на новородени од Кавадарци, а сега ова е бројка од Кавадарци и Неготино. Имаме еден реален пад. Со стимулативните мрки на владата имаме едно реално задржување нагло да не ни опаѓа нагло наталитетот“ рече д-р Поповски.

Мајката што на свет го донесе денеска првото бебе во Кавадарци за новата година пред неколку месеци дошла да абортира во болницата. Но лекарите ја советувале да го задржи бебето.

„Пациентката била дојдена да направи абортус сме ја вратиле и  сега го имаат петото дете во семејството. Првите четири се девојчиња, а ова е машко“ нагласи д-р Камка Коцева, гинеколог-акушер во кавадаречката болница.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар