Кавадарци под снег - зимската служба од синоќа непрекинато интервенира
06-01-2017 РЕГИОН

Од 12 до 20 сантиметри е снежната покривка во Кавадарци и околината. Снежниот бран за момент го прочисти воздухот и ќе го намали ширењето на грипот. Од прес службата на општина Кавадарци добивме информација дека сите патни правци се проодни, но сообраќајот се одвива во отежнати зимски услови.

 

Зимската служба започнала да интервенира синоќа од 18 часот. На терен се работело до 23 часот. Најпрво се расчистувале главните градски сообраќајници, а потоа механизацијата на „Ја-ми“ интервенирала во низинските села, Сопот, Марена, Фариш, Раец, Дреново, Ресава, Бегниште и Шивец. Екипи на зимската служба интервенирале и во текот на ноќта.

 

Денеска од 9 часот механизацијата работеше на расчистување на патните правци од Мрежичко кон Рожден и Мајден. До моментот на подготовка на оваа информација, околу 12 часот, ни беше речено дека овие патни правци ќе бидат оспособени за сообраќај во отежнати зимски услови најдоцна до 16 часот. Исто до овој период беше најавено дека ќе се расчистат и патните правци кон селата Страгово, Крњево и Бохула.

 

До пладне беа расфрлани по улиците и патиштата 23 м3ризла и 10 тони индустриска сол.

 

Од службата за односи со јавноста при општина Кавадарци ни беше речено дека екипи на зимската служба по расчистувањето на локалните патни правци кон селата ќе работат на расчистување и на улиците во градот од втора и трета категорија.Доколку има нови снежни врнежи зимската служба била подготвена за нови интервенции.

 

Oпштина Кавадарци веднаш по  најавите за снежни врнежи и поларни температури излезе со низа препораки. Беше упатен апел до старите лица од планинските села во подкожувјето да се симнат во градот, а ловџиите и другите граѓани без потребада не одат во селата од Бошавијата и мариовскиот дел на Тиквешијата.

 

Од општината исто така  согласно законските обврски апелираат до граѓаните  самоиницијативно да превземат чекори за расчистување на снегот пред своите домови и деловно стопанските објекти, а возачите да водат  сметка за прописно паркирање како не би дошло до проблеми и пречки во расчистувањето на снегот од страна на службите.

 

Aнгел Данов



Share

Додади коментар