Во Кавадарци не постои расположение било кога на својата територија, која опфаќа и дел од планината Кожув да се градат рудници. И народните избраници вчера кажаа „НЕ“ за детални геолошки истражувања на локалитетот Матушница. Мнозинството во кавадаречкиот совет даде негативно мислење по барањето од министерството за еконимија да се произнесе околу евентуални детални геолошки истражувања на локалитетот Матушница.
Вакво барање министерството покрај до општина Кавадарци доставило и до Гевгелија, но повеќе од сигурно е дека негативно мислење ќе даде и гевгелискиот совет, бидејќи гевгеличани на референдум кажаа не` за рудници.
„Не доаѓа во предвид да дозволиме издавање на концесија за рудник на локалитетот Матушница. Овој локалитет е директно врз изворите на Матушница која се влева во реката Дошница.“ вели Ангел Наков од иницијативата „Спас за нас“ од Гевгелија.
Тој објаснува дека се работи за извонреден локалитет на Кожув покриен со букова шума и ела. Реката Матушница била најчиста река на оваа планина.
Наков исто така објаснува дека концесијата која се барала била за површина од 2700 до 3000 хектари. Според него тоа значи директно загадување на цел југоисточен дел од земјава кој се занимава со земјоделство и има одличен туристички потенцијал.
„ За разлика од Гевгелија, која се изјасни против, Кавадарци не спроведе референдум и во оваа општина ова прашање не е доволно разбработено. Јавноста не е информирана, а тоа е законска обврска кога се работи за прашање за развој и одржување на животната средина. Затоа државните и општинските органи мора да изнајдат начин да ги информираат граѓаните. Во Кавадарци веќе има две концесии за првични геолошки истражувања на рудниците Алшар и Дудица со кои се уништува Тиквешкото езеро и изворот Лукар, а тоа ќе има негативно влијание и врз здравјето на луѓето“ посочува Наков.
На вчерашната седница на кавадаречкиот совет беше нагласено дека евентуалното позитивно произнесување по барањето за концесија ќе значело директно загрозување на еден еколошки регион.
Десетмина советници од СДСМ гласаа против дозвола за геолошки истражувања, а деветте советници на ВМРО-ДПМНЕ беа воздржани.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Трендафилов објасни дека ќе гласаат воздржано бидејќи во иднина до советот треба дас е доставуваат подетални информации пред да одлучува.
„Апсолутно сум против детални геолошки истражувања, бидејќи тој опсег гравитира кон реката Дошница. Во водата од таа река, лежи можноста за дополнителна вода за пиење за неколку општини од регионот. Кавадарци, Неготино и Демир Капија“ рече советникот Ташо Радњански од СДСМ.
И претседателот на кавадаречкиот совет Ристо Сакалиев нагласи дека евентуалната дозвола за истражување би значела и загадување на подземните води.
„Мојот став е негативно мислење. Бидејќи и така сме отруени од постоечката индустрија, уште ова не ни треба. Многу е лесно некој да даде позитивно мислење за такво нешто, ако не живее во регионот во кој се планираат такви активности“ рече Сакалиев.
Ангел Данов
Додади коментар