Секретарот на Црвен Крст Кавадарци, Розе Илова вели дека желбата кај кавадарчани да помогнат е многу голема. Во хуманитарната акција покрај поединци се вклучиле и голем број компании од градот, а пристигнала и хуманитарна помош која е донација од жителите на Росоман. Досега биле собрани 13.212 литри флаширана вода, 2165 килограми храна, шест тони облека, 1,5 тон хигиенски средства и 330 килограми храна за бебиња.
„Собраната помош, освен половичната облека, со три камиони е дистрибуирана до Црвениот крст на РМ до магацинот Момин поток, од каде класифицирана и спакувана е испратена до настраданото население во Србија и БиХ. Општинската организација на Црвениот крст од Кавадарци изразува голема благодарност до сите компании и хумани луѓе кои дадоа свој придонес во спроведување на сите активности за собирање на помош , кои уште еднаш покажаа и докажаа дека сме хумани луѓе.Активностите во Општинската организација на Црвен крст Кавадарци и понатаму ќе течат согласно напатствијата на Црвениот крст на РМ“ рече Илова.
Од Црвениот крст нагласуваат дека сите граѓани кои досега не се вклучиле во хуманитарната акција тоа можат да го направат и со донирање на парични средства со уплата на на жиро сметка на Фондот на солидарност-300000001327966 ДБ 4030984271620-Комерцијална банка, а исто така сеуште се активни и телефонските линии од сите мобилни оператори . Со повикување на бројот 143-400 се донира по 100 денари.
Додади коментар