После шест децении Кавадарци денеска и официјално го доби новиот градски зелен пазар. Изградбата траеше десет месеци и чини 105 милиони денари, пари што општина Кавадарци ги обезбеди преку заем од домашна банка. Пазарот е еден од најсовремените во земјава. Покриен, опремен со современи тезги и разладни витрини. Од среда истиот ќе ги прими првите пазарџии. Денеска свечено во работа го пуштија градоначалникот Митко Јанчев и претседателот на советот д-р Стојанчо Рамов. На свеченоста присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Градоначалникот не го криеше задоволството што конечно кавадарчани добија нов современ пазар, но и дополнителни места за паркирање во неговиот мандат.
„ После десет месеца изведба, денеска го отворивме новиот градски зелен пазар. Изграден после 60 години. Задоволството е големо што како градоначалник, советот и граѓаните успеавме да го изградиме. Пазарот е на три нивоа по 2100 м2, со 140 паркинг места, 170 тезги за пазарење по хасап стандарди и 18 места со шест разладни витрини за продажба на риба, месо, млечни производи. Ова е една голема капитална инвестиција и сериозна градба, која за жал во Република Македонија се случува се помалку. Еве ова нека биде предизвик да почнеме да се движиме напред и како општина и како држава“ рече Јанчев и најави дека во наредниот период општината ќе објави уште две нови капитални инвестиции. Нагласи дека општината е во добра кондиција и очекува Кавадарци со развојот да стигне до ниво на град од европски тип.
Објектот градски пазар е на три нивоа, приземно и подземно во кое се пристапува со рампа со вкупно 130 паркинг места за продавачите и купувачите, како и магацински простор и санитарни јазли. Сите нивоа меѓусебе се поврзани преку скалници, товарен лифт за достава на стока и помал патнички лифт.
Современиот концепт на овој пазар им овозможува на граѓаните да уживаат во разновидна и богата понуда на овошје и зеленчук, како и производи кои бараат посебни услови млечни и месни производи и други од ваков вид.
„Задоволството е огромно што може да присуствувате на вака значајни моменти за нашите сограѓани. Се радуваме на отпочнувањето со работа на новиот градски пазар, кој после 60 години ќе обезбеди пристојни, би рекол европски услови за луѓето кои овде ќе обезбедуваат егзистенција за своите семејства. Навистина ги охрабрувам сите останати да го следат примерот на градоначалникот Митко Јанчев и градоначалниците на ВМРО-ДПКМНЕ кои што работат на дневна основа и ги реализираат предизборните ветувања за да ја оправдаат довербата дадена од граѓаните. Се надевам дека ќе продолжиме со иста динамика и во наредниот период и покрај кризата која ни се случув на секој план и сето ова да кулминира со предвремени избори на кои ќе биде испочитувана волјата на граѓаните. Огромно мнозинство од народот, 75 % смета дека оваа влада ја движи државата во погрешен правец“ изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
Со изградбата на новиот пазар се отвори и нова улица која дозволува пристап од сите страни на градот, но и растеретување на сообраќајниот метеж кој се создаваше во пазарните денови. Пазарот наместо три дена, сега ќе работи од вторник до недела.
За архитектонското решение и модерниот дизајн на овој објект заслугата ја имаат архитектите од „Дизајн центар“ . Изведувач на оваа градба од бетон и челик која чини околу 105 милиони денари е Градба промет, додека целата опрема и продажните пунктови се изработени од Метал Апостолов и чинат 12 милиони денари. И во сето ова се разбира голема улога имаат инженерите од Локалната самоуправа како и надзорниот орган МГ –проект.
Ангел Данов
Додади коментар