Кавадарци го доби буџетот за 2024 година
21-12-2023 РЕГИОН

Предлог Буџетот на Општина Кавадарци за 2024 година е дименизиониран  на износ од 1.309.250.000 ден. од кој:  Основниот Општински буџет изнесува 625.316.000 денари , Приходи од самофинансирачки активности изнесува 52.342.000 денари,  Приходи од дотации во износ од 611.154.000 денари, Приходи од донации во износ од 20.438.000 денари. Советот  на општина Кавадарци денеска ја разгледуваше општинската каса што треба да се троши следната година. За гласаа 14 советници, а 5 беа против.

 

Пред почетокот на расправата по однос на буџетот се разгледуваа амандманите поднесени од советничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Едногласно беа прифатени амандманите предложени од ВМРО-ДПМНЕ кои се однесуваа на обезбеднување на пари во буџетот за посета на саеми за земјоделци, реконструкција на фасада на зградата на ул. Ленинова и еден милион денари за поддршка на здравствената заштита во општина Кавадарци. Што се однесува до амандманите на опозиционата СДСМ иако градоначалникот ги прифати, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ гласаше против и од 15-те предложени едногласна поддршка доби само амандманот за субвенционирање за полагање возачки испит на лица од социјално загрозени семејства. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против амандманите на СДСМ за еднократна поддршка на лицата со посебни потреби во висина од 15.000 денари, повеќе амандмани кои се однесуваа на проекти од комуналната изградба.

 

Расправата за буџетот ја започна со своја дискусија претседателот на советот д-р Стојанчо Рамов. Тој посочи дека општината продолжува со одговорен и транспарентен однос кон јавните финансии. „Креиравме развоен буџет со реалните потреби на граѓаните. Буџетите во континуитет растат во изминативе три години “ посочи Рамов. Во иста насока се движеа и останатите дискусии на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Советникот Филип Тасев забележа дека значителна сума со буџетот за 2024 се издвојува за спортот.

 

Советничката Веса Богева посочи дека во кавадаречкиот буџет 54% од приходите биле дотации од централниот буџет. Според неа тоа биле остварливи средства.

 

„Развојната компонента на буџетот е намалена. Само 15% се за капитални инвестиции, а 38 милиони денари се за привремени вработувања“ забележа советникот од СДСМ Вуко Мелов.

 

Градоначалникот Митко Јанчев не сакаше да реплицира на советничките дискусии и нивните забелешки. По гласањето тој се заблагодари на сите советници кои ја дадоа поддршката за буџетот, а рече дека гласањето против буџетот го толкува како не функционирање на општината. Јанчев се осврна на сработеното досега, но и на проектите кои треба да се работат следната година.

 

 

А.Д

 

По гласањето за буџетот беше дадена пауза. Понатамошниот тек на седницата можете да го следите во живо на програмата на КТВ и на фб страната на КТВ.

 

 

 

 

 



Share

Додади коментар