Кавадарци го доби буџетот за 2018 година
27-12-2017 РЕГИОН

Со 19 гласа „ЗА“, едногласно, попладнево советот на општина Кавадарци го усвои буџетот за 2018 година.

 

 

Општинската каса е димензионирана на 885.882.000 денари од кои основниот буџет изнесува 476.706.000 денари. Од самофинансирачки активности се предвидени 29.957.000 денари, од дотации 351.373.000 денари, од донации 27.846.000 денари. Во буџетот не е предвидено задолжување на општината со кредити.

 

Усвојувањето на буџетот уследи по неколкуте дискусии од советниците кои генерално нагласија дека парите треба да се трошат за проекти со кои ќе се подобри живеењето на кавадарчани.

 

Градоначалникот Митко Јанчев не се согласи дека буџетот е предимензиониран, туку рече дека се гордее со тоа што ќе може да се реализира поголем буџет. Најави повеќе пари за екологија и почист град. Ја нагласи донацијата вредна 85.000 денари за набвака на машини -метлаки со кои, како што рече, ќе се придонесе за почист воздух и помалку прашина. Една од „метларките“ е донација од „Кожувчанка“, една од „Синалко“-Германија и една од ИГМ трејд Кавадарци.

 

Јанчев најави решавање на проблемот со недостаток на слободни места во градинките. Информира дека веќе се аплицирани два проекти до министерството за труд и социјална политика, а ја спомена и изградбата на приватна градинка која исто така ќе помогне во решавањето на овој голем проблем во Кавадарци.

 

 Градоначалникот рече дека во буџетот ќе има пари за изградба на улици и останата комунална изградба, а со грантот од 2,5 милиони евра што ги доби ЈП Комуналец ќе се обновуваат водоводните, канализационите и мрежата за атмосферска канализација.

 

Првиот човек на општина Кавадарци ги повика сите советници максимално да се вклчат во целокупното работење на општината со цел да се направат многу подобри услови за граѓаните.

 

Од акцијата „За почисто и поубаво Кавадарци“ која исто така е донација, Јанчев нагласи дека биле собрани 6500 м3 смет од дивите депонии и истиот бил транспортиран на градската депонија.  Најави дека е во постојан контакт во в.в Тиквеш со цел да се вратело седиштето на оваа компанија во Кавадарци и најави донација од пет милиони денари за изградба на кружен тек кај винаријата.

 

Општината ќе издвои 2 милиони денари за изработка на студија за да се утврди од каде се ПМ10 честичките кои го загадуваат воздухот во Кавадарци. Исто така градоначалникот најави дека многу наскоро ќе се постават мерните станици од Универзитетот „Гоце Делчев“.

 

Јанчев најави подршка за малите комапнии, бидејќи посочи дека економскиот развој го гледал со развој на малите компании.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар