Кавадаречкиот совет во рамки на денешната осма редовна седница едногласно му даде овластување на градоначалникот да ги раскине договорите за јавно приватно партнерство за осветлување и зонско паркирање кои беа потпишани од претходното општинско раководство.
Договорот за зонско паркирање се раскинува еднострано од општина Кавадарци, а за уличното осветлување спогодбено.
Единствено своја дискусија по одлуката за раскинување на договорот за осветлување имаше советникот ЛазарТуриманџов од СДСМ кој упати критики на адреса на претходниот градоначалник Александар Панов и советниците од ВМРО-ДПМНЕ во претходниот совет, бидејќи потпишале штетен договор поради кои кавадарчани плаќале по 250 евра за една светилка.
„Договорот за одржување и модернизација на уличното осветлување во Кавадарци склучен во 2012 година ја кошта општината 644.682 евра за 64 ануитети. Претходниот градоначалник Александар Панов дозволил годишно да се плаќаат по 120.000 евра.“ обвини Туриманџов, побара ревизија и одговорност.
По неговата дискусија советот едногласно ги донесе двете одлуки за раскинување на договорите за јавно приватно партнерство.
Едногласно советот ги усвои измените и дополнувањата на програмата за изработка на урбанистички планови и на програмата за комунални дејности и годишниот план за вработување во ООУ „Димката Ангелов Габерот“ Ваташа. Едногласно беше донесена и одлуката за доизградба на колекторскиот систем во должина од уште триста метри кон Марена.
Советникот Петар Николов побара објаснување од службите за урбанизам до каде е предвидено да се доградува колекторот и дали општината има готов идеен проект за прочистителна станица. Советничката Божанка Минова нагласи дека се работи за искчучително важен проект кој ќе ја подобри еколошката состојба на реката Луда Мара, но за целосна реализација на овој проект, рече Минова, општината е потребно да аплицира и пред други фондови.
„Со оваа фаза ќе се продолжи колекторскиот систем кон Марена. За прочистителна станица општината нема готов проект“ рече раководителот на секторот за комунално уредување, урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина, Драган Симоновиќ.
A.Д

Додади коментар