Кавадаречкиот совет не дозволи покачување на цената на такси превозот - усвоен новиот ЛЕАП
14-12-2021 РЕГИОН

Против предлогот за покачување на цената за авто такси превоз во општина Кавадарци едногласно гласаа советниците во кавадаречкиот совет, на денешната редовна четврта седница. 

 

Се бараше почетокот на превозот и превозот до 1 километар да изнесува 80 денари, а секој изминат километар да се наплаќа по 25 денари, а за чекање од една минута патниците да плаќаат 6,5 денари.  Додека за превоз од 22 до 06 часот стартот и 1 км да чинат 90 денари, а секој нареден километар по 30 денари, а чекање од 1 минута 8 денари. Ваквиот предлог едногласно беше отфрлен.

 

Едногласно советот на денешната седница го донесе новиот локален еколошки акционен план,  стратегијата на општината за соработка со граѓанскиот сектор и стратешкиот план за намалување на ризици од катастрофи за период 2021 до 2025 година.

 

Усвоени беа измените и дополнувањата на програмата за поставување на урбана опрема и  на одлуката за утврдување на висината на надоместоците што се плаќаат за користење на општинските јавни патишта.

 

Советот   ја донесе програмата за волонтери за следната година, програмата за работа на ЈП Комуналец и финансискиот план за следната година, како и програмата и финансискиот план за работа следната година на МХЕЦ Лукар.

 

Со одлука на советот ќе се изврши распределба на акумулираната нераспределена добивка на ЈП Комуналец. Средства во висина од 140 милиони денари се враќаат на сметка на основачот на Комуналец, општина Кавадарци. Овие средства ќе се користат за проекти кои се од значење за граѓаните – рече градоначалникот Митко Јанчев.

 

На седницата беа усвоени одлуките за примање донација од компанијата „Кожувчанка“, извештајот за работењето на ЈП „Јасмин“ во третото тромесечје од 2021 година,  прогрмата за работа следната година и одлуката за усвојување на ДУП „Монопол“ каде ќе се градат згради.

 

Ангел Данов

 

 



Share

Додади коментар