Едногласно кавадаречкиот совет денеска го усвои ребалансот на буџетот во рамки на 49-та редовна седница. Потребата од усогласување на комуналната програма и другите програми во основниот буџет ,потребата од пренамена на одредени позиции во наменските дотации и во самофинансирачките активности во институциите финансирани од Општинскиот буџет, како и усогласувањето на пооделни ставки во Буџетот на донации, предизвика потреба од Измени и дополнувања на Буџетот – Ребаланс. Ребалансот како во приходниот дел на Буџетот така и во расходниот дел претрпи намалување во износ од 268.597.000 денари, со што Буџетот како во приходниот така и во расходниот дел се сведе на ниво од 944.889.000 денари- стои во образложението на ребалансот.
Советниците беа поделени околу утврдувањето на тарифа за снабдување со вода за пиење. Оваа одлука денеска по трет пат беше ставена на дневен ред. Барањето од регулаторната комисија ги раскара советниците. Координаторот на советничката група на СДСМ Лазар Туриманџов рече дека не е во ред во време на пандемија да се покачува цената на водата за пиење. Тој побара раководството на Комуналец да си ги барало причините за големо трошење на гориво за возилата, но и големите суми одвоени за сервисирање на возилата, наместо да се покачувала цената на водата за пиење.
Градоначалникот Митко Јанчев рече дека раководството на ЈП Комуналец работело домаќински и ефикасноста од работењето било на високо ниво.
„Никој не е за покачување на цената на водата, но од регулаторната комисија бараат одлука за утврдување на тарифа за периодот од 2021 до 2023 година. И понатаму имаме најевтина вода за пиење“ рече градоначалникот.
Советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Душица Крстиќ му реплицираше на советникот Туриманџов дека си играл со чувствата и емоциите на граѓаните, бидејќи регулаторната комисија била предводена од владата на СДСМ.
На тоа во контра репликата Туриманџов нагласи дека регулаторната комисија била независно регулаторно тело составено од експерти и рече дека против одлуката за цената на струјата на таа комисија ВМРО-ДПМНЕ постојано протестирале.
Советничката Анита Гинова Каруакутова бараше од Туриманџов да не се собирале политички поени околу оваа одлука и нагласи дека ако советот не ја усвои одлуката од регулаторна, ќе требало да се плаќаат казни, но и дека регулаторната комисија ќе одредела повисока цена од таа што сега се бара.
По несогласувањата следуваше пауза, а потоа следеше гласањето. Со 9 гласа „за“ советот ја усвои предложената одлука за утврдување тарифа на водата за пиење од 2021 до 2023 година, двајца од советниците беа возрджани.
Советот на денешната седница усвои и повеќе одлуки за давање согласност за склучување судска спогодба за регулирање на меѓусебни односи со судски предмети. Едногласно беа прифатени измените и дополнувањата на одлуката за определување на зонско паркирање на подрачјето на град Кавадарци, а беа усвоени и извештаите за работењето на ЈП Комуналец од почетокот на годината до 30 септември и на МХЕЦ Лукар за истиот период.
На денешната седница советот ги разгледа и усвои програмата за работа на локалниот музеј галерија за следната година, извештајот за работењето на општинскиот совет за безбедност на сообраќајот Кавадарци. Беа усвоени и неколку одлуки за доделување на донации за општината.
Ангел Данов

Додади коментар