Кавадаречкиот совет ги донесе програмите за 2018, а избра и командир на ПС Кавадарци
20-12-2017 РЕГИОН

 

160 милиони денари е тешка програмата за уредување на градежно земјиште на просторот на општина Кавадарци за следната година, која денеска беше усвоена во рамки на четвртата редовна седница на кавадаречкиот совет. Во неа се предвидува изградба, реконструкција на улици и други објекти по урбани и месни заедници, водоводи и канализациони линии и јавни објекти.

 

Поддршка од советот добија и програмата за јавни и комунални дејности, за изградба, реконструкција и одржување на локалните патишта за 2018 година како и програмата за изработка и донесување урбанистички планови, за јавна чистота и зеленило, за развој на општината и за развој на невладиниот сектор.

 

На денешната седница беа усвоени и програмите за меѓународна соработка на општината и за култура.

Советот одлучи надлежностите на општината за организирање и реализирање на културните манифестации за 2018 година да ги довери на правно лице со кое ќе биде склучен договор.

 

Без дискусија советот ги донесе и програмите за здравствена и социјална заштита на општината за следната година, а донесе и одлуки за комунален ред и мерки за нејзино спроведување и за кофинансирање на проектот „Подобрување на патната инфраструктура“ во микро регионот Росоман, Кавадарци, Неготино преку реконструкција на дел од северен булевар. Се утврди и месечен надомест за претседателите и членовите на комисиите за утврдување правен статус на бесправен објект. Беа разрешени досегашните членови и директорот на фондацијата за социјална, здравствена и културна поддршка на граѓаните на општина Кавадарци и назначени нови, а се именуваа и нови претставници на општината во управниот и надзорниот одбор на ЈП Комуналец.

 

Без дискусии од советниците, на денешната седница беше донесена одлука за одобрување финансиски средства од општинскиот буџет на ротари клубот од Кавадарци, а беше усвоен и годишниот план за вработување во музеј галерија Кавадарци.

 

Со 17 гласа „за“ и 1 „против“ Сашко Димовски е избран за командир на полициска станица од општа надлежност Кавадарци. Тој беше еден од тројцата предложени кандидати од МВР.

 

Кавадаречкиот совет даде негативно мислење по барањето за негово произнесување околу барањето кое било доставено до министерството за животна средина и просторно планирање за вршење детални геолошки истражувања на минерални суровини на локалитетот Матушница. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано во однос на негативното мислење кое го подржаа советниците од СДСМ. Тие бараа оваа точка да биде одложена и да добијат мислење од министерството по однос на барањето за геолошки истражувања.

 

Aнгел Данов



Share

Додади коментар