Кавадаречкиот панаѓур датира од 1890 година
07-10-2016 РЕГИОН

Почнувајќи од 1890 година во Кавадарци покрај неделните  пазари (среда и петок) за кавадаречкото стопанство од мошне големо значење било одржувањето на кавадаречкиот панаѓур, кој започнувал за Ѓурѓовден и траел три дена – потсетува професорот по историја Мики Камчевски.

 

Тој понатаму објаснува дека оваа традиција кавадарчани им ја превземале  на возарчани. Еден од најголемите и најпосетуваните панаѓури во кавадаречко бил панаѓурот во селото Возарци, кој се организирал на сред село и се простирал се до почетокот на Дреновската клиусра. Панаѓурот бил масовно посетуван како од жителите на рамничарските исто така и од жителите на планинските села во овој крај.

 

Од панаѓурот возаречките бегови собирале многу голема такса т.н „панаѓурина“ која предизвикала голема завист кај богатите кавадаречки бегови. Тие со помош и со поткуп и најразлични  марифетлуци и влијанија врз солунскиот валија успеале да им се одземе дозволата за организирање на панаѓурот и од 1890 година истиот започнал да се организира во Кавадарци.

 

Панаѓурот во Кавадарци во минатото се одржувал на рамнината на левата страна на реката Луда Мара, под Средното маало. Живата стока која исто така ја имало во доста голем број била изнесувана на панаѓурот и истата се продавала по долината на реката седо селото Ваташа.

 

Професорот Камчевски кажува дека на кавадаречкиот панаѓур доаѓале многу посетители да купат или да продадат дел од своите производи. За време на одржувањето на панаѓурот се вршеле голема пазарна размена. Во времето  кога во градот управувал кајмакамот на градот само на име „дувалија“ која изнесувала 1 грош за еден товар стока која влегувала во градот, од панаѓуришна такса се собирале по околу 300 до 400 турски лири.

  

Во дваесетите години од 20 век, од таксите за панаѓурот градските власти собирале помеѓу 170.000 до 250.000 динари. Една од атракциите на панаѓурот биле и пеливанските борби кои редовно се одржувале на панаѓурот, а најпознати пеливани од овој крај биле Зарко Димов од Ваташа, Лазо Бакев и Вано Милков од Кавадарци, Костадин Трајков од Глишиќ, а од турските пеливани кои останале запаметени во овој крај иле Алија Џаферов од Кавадарци, Миџо Смао од Сопот и Мефаил Исмаилов од Глишиќ.

 

Традицијата на одржување на панаѓурот во Кавадарци трае и денеска. До само пред неколку години  во градот се одржуваа два панаѓура, пролетен или Ѓурѓовденски и есенски кој се одржува во средината на месец октомври. Денес во Кавадарци остана само есенскиот панаѓур кој трае три дена и кој на луѓето од градот и околните  места им дава можност да се снабдат со стока која што на вообичајните пазарски денови не може да се најде во градот.

 



Share

Додади коментар