Општа болница Кавадарци од денеска и официјално доби нов женски оддел за интерна медицина. Одделот кој целосно беше реконструиран со помош на Алкалоид и фондацијата „Трајче Мукаетов“ ќе обезбеди современи услови за лекување на пациентите. Свечено во функција денеска одделот го пуштија министерот за здравство Венко Филипче, директорот на Алкалоид Живко Мукаетов и директорот на општа болница со проширена дејност д-р Диме Коцев.
„ денес во нашата болница присуствуваме на официјалнопуштање во употреба на новиот женски "Оддел за интерни болести", со капацитет од 16 болнички кревети. Имено, се работи за целосна реконструкција и комплетно опремување на еден оддел од Болницата кој 30 години беше надвор од употреба. Инвестицијата е во целост донација на Фондацијата " Трајче Мукаетов", чиј основач е АД Алкалоид Скопје. Затоа, ја користам оваа прилика, како од мое лично име, од име на вработените во болницата, така и од име на сите Кавадарчани, изразам огромна благодарност до Алкалоид и посебно до г-нот Живко Мукаетов, за реализираната донација“ рече директорот на болницата.
Одделот е изграден од најсовремени градежни материјали и опремен со модерен медицински и технички ентериер. Со тоа, овозможуваме прекрасен амбиент за сместување на нашите пациенти и нивно поквалитетно болничко лекување, додаде д-р Коцев и информира дека од денеска во болницата е пуштен во употреба и нов Агрегат со моќност од 250 KW, исто така донација на АД Алкалоид Скопје, кој во целост ги задоволува потребите на истата. Вкупната донација изнесува 170 илјади евра.
Ангел Данов

Додади коментар