Започнува грејната сезона, а неисчистените оџаци можат да бидат сериозна опасност за домовите кои се затоплуваат на тврдо гориво – алармираат од кавадаречката против пожарна единица. Од таму апелираат сите граѓани пред да започнат со затоплување на домовите на тврдо гориво да ги исчистат оџаците.
„Чистењето на оџаците треба да врши три пати во годината, на почетокот , на средината и на крајот на грејната сезона. Најопасно е да се врши палење на оџакот, може пламенот да се поврати во соба – советуваат пожарникарите.
„Граѓаните да ги исчистат оџаците, посебно треба проверка и чистење да направат сопствениците на куќи кои имаат „кара таван“. Да се провери дали минува греда од покривната конструкција во близина на оџакот или пак се наоѓа во самиот оџак. Да се изврши мачкање на оџаците во таванскиот дел. Исто така превентивно да се изврши проверка и на застарена електрична инсталација“ апелираат од кавадаречката противпожарна единица.
Во апелот се нагласува дека граѓаните не треба да ги затвораат со гипс картони влезовите во таванот.
Во зградите станарите треба да ги надминат недоразбирањата доколку ги има и да ги исчистат оџаците. Оние кои своите станови не ги затоплуваат со дрва да извршат заѕидување на отворот за сулинарите со полна цигла. Сите кои имаат во близина на оџаците дрвени плакари да ги отстранат на безбедно растојание за да не дојде до несакани последици од опожарување – советуваат од ТПЕ Кавадарци.
Ангел Данов

Додади коментар