Интензивно се работи на делницата Демир Капија -Смоквица
01-06-2013 РЕГИОН

Премиерот Груевски денеска лично беше да се увери како течат работите на изградбата на делницата од Демир Капија до Смоквица на автопатот Александар Македонски. Тој заедно со министрите за финансии Зоран Ставревски и за транспорт и врски Миле Јанакиевски го посети градежниот пункт на изведувачот, грчката фирма Актор во Демир Капија а потоа беше и на почетокот на трасата на која е интензивирана изградбата на првиот од вкупно двата нови тунели.

Тие се наоѓаат во Демиркаписката клисура, над постоечките тунели, на патот што сега се користи кон Гевгелија. Груевски задоволен од досега реализираното рече дека станува збор за најголем инфраструктурен проект кој во моментов се гради на Балканот.

- Градежните работи се одвиваат побрзо од планираното. Досега беше планирано да бидат завршени 7,9 отсто  а завршени се над 11 отсто од работите, така што може да се каже дека сме во една понапредна фаза отколку она што беше претходно планирано. Досега се исплатени околу 24 милиони евра а до крајот на годината ке бидат исплатени вкупно околу 55 милиони евра. Следната година се планирани да се инвестираат дополнителни 55 мил евра, слично како оваа, а во годината подоцна околу 60 мил евра. Преостанатиот дел пак во првите 8 месеци на 2016 год кога треба да заврши градењето  на овој автопат - рече премиерот Груевски.

Во моментов расчистена е 85 отсто од трасата на автопатот а изведувачот фирмата Актор  работи на пробивање на првиот од двата тунела на новиот пат. Досега се пробиени  300 од вкупно 1200 метри долгиот тунел а Актор планира тунелот да го изгради за период од 7 месеци.

На новата делница е предвидена изградба и на пет мостови. Автопатското решение ќе има по две ленти а предвидени се и две клучки кон селата Миравци и Смоквица. Патот е долг 28 километри а неговата изградба започна лани во септември. Со него, во 2016 година кога ќе биде готов,  ќе се комплетира главната оска на Коридорот 10, кој поминува низ земјава и Македонија ја поврзува  со Европа и Солунското пристаниште.

Патот се гради со европски пари кои се обезбедени од ИПА програмата, од Европската банка за обнова и развој и од Европската инвестициска банка. Во изградбата учествува и државата која одвои сретства од буџетот./ Б.Н. Т



Share

Додади коментар