Интензивно се градат петте мини хидроцентрали во кавадаречко
13-02-2014 РЕГИОН

Интензивно се извршуваат градежните  работи од проектот за изградба на пет мини хидроцентрали на хидро системот Бошава, повеќенаменски проект преку кој ќе се обезбеди вода за наводнување и за пиење, а пет мини централи ќе произведуваат електрична енергија. Во моментов се извршуваат градежни активности на повеќе потези. Се врши реконструкција на постоечките објекти, на Стара река се гради тиролски зафат, а се   работи и на отворената каналска мрежа. Исто така се извршуваат и градежни работи за надвишување на моклишкото езеро за 2,5 метри.

Директорот на водостопанство “Тиквеш“ Љубе Димов појаснува дека проектот “Бошава” е повеќенаменски и од големо значење за општината. Покрај изградбата на хидроцентралите опфаќа комплетна реконструкција на Тиролскиот зафат како и реконструкција на стариот хидросистем “Бошава” изграден 1957 година.

„Моментално се изведуваат градежни работи на самиот зафат на Моклишкото Езеро. Се гради преграда која ќе го надвиши езерото за 2,5 метри  со што ќе се добијат плус околу 400 000 метри кубни вода,  што дополнително ќе се акомулира во оваа акомулација. Исто така низводно се прават цевководите каде што треба да се постават малите пет централи чија моќност е околу 11 мегавати“ рече Димов.

Со сите активности кои се реализираат околу  Моклишкото Езеро, пред се со реконструкцијата,  за долг период се зголемува и безбедноста од можно излевање на водата од езерото.

A.Д



Share

Додади коментар