Иницијативата за спас на Тиквешкото Езеро вчера се најде на шестата седница на кавадаречкиот совет. Се дебатираше како да се најде начин да запре уништувањето на оваа вештачка акумулација која е од големо значење не само за општина Кавадарци, туку и за целиот Тиквешки регион.
Катастрофалната состојба со нивото на вода во вештачката акумулација Тиквешко Езеро вчера се дискутираше на седница на советот на општина Кавадарци. Сите засегнати страни алармираа за проблемите со кои се соочуваат поради уништувањето на езерото. Од иницијативниот одбор за спас на Тиквешкото Езеро побараа локалната самоуправа да се вклучи во решавање на проблемот.
„Да се донесе одлука со која ќе се ангажираат стручни лица кои ќе изготват наод и ќе достават стручно мислење како треба да се стопанисува со водата од езерото. Општината да бара да се променат правата за стопанисување, бидејќи од времето кога се издадени досега се поминати повеќе од 50 години. Наместо котата на езерото да се спушта до 233 метри да се направи корекција и да не се намалува водата под 250 метри“ рече во својата дискусија протоереј Војче Ѓорѓиев и нагласи дека поради падот на нивото на вода во Тиквешкото Езеро загрозен е опстанокот на полошкиот манастир Свети Ѓорѓи. Таму веќе подолг период неможе да се отиде, ниту да се завршат одредени мајсторски работи.
„Тиквешкото Езеро е тргнато од сите спортски натпревари за риболов“ рече во својата дискусија Киро Малинков – спортски риболовец и алармираше дека се уништува живиот свет во езерото.
Концесионерот на Тиквешко Езеро, Ангел Митев алармираше дека се случува хорор и немилосрдно се уништува езерото.
„Тиквешкото езеро не е за една-две сезони. Тоа е за векови. За 2/3 е намалена водната маса“ рече Митев и нагласи дека доколку е правно издржано општината со тужба да побара времено запирање на трошењето на вода, бидејќи како што посочи тоа би била и најбрза постапка.
Со падот на нивото во водата во езерото се засегнати и планинарите од ПСД „Орле“ од каде исто така се побара брза реакција за да се заштитат сите пештери кои ги има во тој дел.
„Илјадници растенија и животни спаѓаат во површината на Тиквешкото Езеро. Со исчезнувањето на 15 км од езерската површина многу од тие видови се исчезнати. Тиквешкото Езеро има големо влијание врз целокупната клима на територија на општина Кавадарци, но и на Тиквешкиот регион“ рече претседателот на еколошкото друштво „Еко Живот“, Роберто Паризов.
Пратеникот Панчо Минов истакна дека е потребно заеднички да дејствуваат сите структури од општина Кавадарци и да се побара измена и дополнување на водостопанската дозвола на ЕСМ, а бидејќи мрестот на рибата е во март, да се побара времено запирање на водостопанските дозволи.
„Сите фактори од општината и стручни лица од екологија и енергетика да го дадат својот придонес во решавање на проблемот. Да побараме и инспекциски надзор со кој ќе се утврди нарушувањето на еко системите“ рече Минов.
Пратеникот Зоран Јованчев кој исто така присуствуваше на расправата потсети дека лани во март на прес конференција алармирал за лошата состојба со Тиквешкото Езеро, но поради лошо менаџирање со езерото, работата станала уште полоша.
Едногласно беше заклучено дека сите структури ќе се насочат кон подобрување на моменталната катастрофална состојба.
Иако од претседателот на советот, д-р Стојанчо Рамов беше најавено дека на расправата ќе присуствуваат и директорите на ХЕЦ Тиквеш и Водостопанство - Кавадарци, сепак тие не беа присутни.
Градоначалникот Митко Јанчев рече дека со овој проблем се засегнати сите граѓани на општина Кавадарци не само луѓето кои ја покренаа иницијативата.
Тиквешкото езеро е најголемо по површина вештачко езеро во државата. Езерото има површина од 14 км, долго е 28,5 км, а широко е 500 м. Најголемата длабочина во езерото изнесуваше 105 м, а волуменот на водата 475.000.000 мᶾ. Сега состојбата е далеку поинаква. Две третини од водата заминаа во неповрат.
А.Д
Додади коментар