Инает или негрижа? Се распаѓа патот до скијачкиот центар Кожуф
26-03-2018 РЕГИОН

 

Веќе пет години новиот пат кој државата го изгради до скијачкиот центар Кожуф е оставен на милост и немилост. Патот е сериозно оштетен на повеќе места поради неодговорниот однос на институциите, обвинуваат сопствениците на објекти на центарот.

 

„Македонија пат“ иако има надлежност за одржување на овој патен правец, не ги расчистува одроните кои се јавуваат. Дозволено е да се затрупат атмосферските испусти кои треба да ја собираат атмосферската вода. Поради тоа на повеќе места патот е испукан. Не е редовно ниту одржувањето на овој патен правец во текот на зимата. Со месеци снегот не се расчистува, обвинуваат луѓето кои инвестирале сопствени пари во развој на скијачкиот центар.

 

 

Фудбалерот Горан Мазнов чесно заработените пари од фудбалот ги вложил во угостителски објекти на Кожув, но поради негрижата на институциите тој неможе да ги посети објектите, бидејќи патот е непрооден во текот на цела година, што поради одрони, што поради неисчистен снег.

 

„Секоја години исто збориме. Со години не сум видел некаква машина да работи на патот до скијачкиот центар. На околу пет места патот е пропаднат токму поради тоа што не се расчистува. Секој ден по еден камен да се подигаше, сега патот ќе беше чист“ вели Мазнов.

 

Тој има изградено еден мотел од 600 м2 кој има девет апартмани и една приватна вила. Неговите обејкти се оспособени да примат педесетина луѓе, љубители на природата и зимските спортови, но поради непроодниот пат објектите се затворени.

 

Мазнов вели дека повеќе пати се имаат обраќано до Македонија пат и фондот за патишта во изминатите години, но нивните апели за одржување на патот не ги слушал никој.

 

 

На овие проблеми се жали и Ѓорѓи Фидановски, исто така сопственик на угостителски објект кој неможе да почне да работи. Неговите 12 апартмани со години се празни, а за да ги изгради вложил многу.

 

„Девет години трпиме штети. Прво имавме опструкции со стујата. Тој проблем се надмина, а сега продолжува проблемот со нерасчистениот пат. Пропаѓа целата инфраструктура на скијачкиот центар поради негрижата на институциите“ дециден е Фидановски.

 

Голем е бројот и на луѓе кои купиле плацеви за изградба на викенд куќи или хотели, но не се одлучуваат да инвестираат, бидејќи државата, како што велат, не се грижи за овој скијачки центар и не сака да помогне истиот да започне да функционира.

 

„Кожув е прекрасна планина. Има многу евра во неа. Се надевам дека еден ден ќе стане градилиште“ ни рече Љупчо Мартиновски, кој поради непроодниот пат сеуште не започнал да го гради планираниот објект.

 

Тој нагласува дека иако надлежните ветувале дека проблемите со патот ќе се средат, до денеска тие се повеќе се продлабочувале, а патот се оштетувал.

 

 

Сопствениците на објекти на Кожув се сомневаат дека чистењето и одржувањето на патот се опструира се со цел скијачкиот центар да не почне да работи.

 

Директорот на „Македонија пат“, Гајур Кадриу, во телефонски разговр ни рече дека патот до скијачкиот центар е лошо трасиран и поради тоа истиот е проблематичен. Што се однесува до расчистувањето на снегот, нагласи дека нивна механизација интервенирала на 10 и 11 март. Снегот бил расчистен до рампата за влез во центарот, бидејќи до таму имале налог да расчистуваат.

 

Од скијачкиот центар најавуваат кривични пријави за сите раководни лица кои дозволија пропаѓање на патот и неодговорно стопанисување со него.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар