Изложба на олд тајмери во Кавадарци (ВИДЕО)
08-09-2018 РЕГИОН
 

Изложба на олд тајмери се реализираше денеска во рамките на Манифестацијата “Тиквешки гроздобер”. Голем број на посетители дојдоа да ги видат експонатите на градскиот плоштад. Задоволство од заинтересираноста како од учесниците така и од посетителите, изрази Митко Ташев, дел од организацијата.

 

     Пофалби за организацијата на настанот упати  неготинецот Дионис Пашлаков, кој со својата пасија за стари автомобили стана познат во светот.

 

     Освен изложба на стари автомобили, денеска во Кавадарци имаше и ревија на мотори и мото рели. Голема беше заинтересираноста и за овој настан, а најголем интерес се чини покажаа најмладите, кои бараа одговор на многу прашања поврзани со моторите.

 
 
Мини двосед “БМВ изета” од 1955 со врата која се отвора однапред заедно со воланот и предното стакло, стана атракција во Кавадарци, уште пред официјално да започне денешната изложба на олдтајмери, во рамките на тридневната манифестација “Тиквешки гроздобер”.
 
 
Поминал илјадници километри прикачен за возило кампер, за да биде дел од забавата во најлозарскиот град во Македонија, посветена на грозјето и производите од грозје.
 
 
Сопственици на ова прекрасно милениче се австриецот Роланд Димаи и неговата сопруга, русинката Влада. Димаи раскажа дека “старото” лепотанче го има веќе 35 години, кога на прв поглед се заљубил во него кога случајно го видел на улица и решил да го купи.
 
 
 
 
Со годините, тоа добивало на цена. Кога го купил вредело околу осум илјади марки, а сега околу триесет илјади евра. Иако, како што нагласи, за нив овој минијатурен автомобил кој носи цела историја на своите плеќи и крие безброј животни тајни, е вистинско богатство кое никогаш не би го продале.
 
 
 
 
-Пред 4 години правевме свадба во Италија и ова атрактивно возило беше дел од нашата свадбена церемонија. Имам уште неколку олд тајмери во мојата ергела со стари возила, убави старци кои секогаш се во мода. За изложбата во Кавадарци разбрав преку интернет. Бевме во Охрид, па на изложба во Минск, Белорусија, па наваму, така што поминавме околу седум илјади километри со камперот, за денеска да бидеме тука, ни рече човекот, кој за себе рече дека се занимава со иновации во зелена технологија и обновливи извори на енергија, а возилото го чува во гаража.
 
 
Австриецот ни кажа дека овој модел на бмв своевремено бил инспирација и за дизајн на возило во цртан филм. А неговата сопруга, позитивна како него, со насмевка ни одговори дека разбира многу од нашиот јазик, исто како што знае што значи на македонски, нејзиното име Влада.
 
 
Крсте Соколов, вработен во новоотвореното Туристичко информативно биро во Кавадарци, откри дека брачниот пар ќе облече и традиционална австриска носија. Соколов изрази задоволство од интересот за оваа изложба и воопшто за манифестацијата и нагласи дека и во иднина акцентот ќе биде ставен врз заложбите да се привлечат што е можно повеќе вакви туристи кои не се само на поминување, туку да се задржат подолго во овој крај.
 
 
Светлана Дарудова



Share

Додади коментар