Со песна покрај василичарскиот оган децата од детската градинка „Рада Поцева“ во Кавадарци денеска се вклучија во одбележувањето на верскиот празник Василица. Неколку години по ред најмладите учат за традиционалните вредности на својот народ, за адетите и обичаите. Децата под маски и низ стихови посакаа многу здравје и бериќет, а ги бркаа лошите сили.
Во објектот „Гроздоберче“ заедно со децата од градинката славеа и децата од дневниот центар за лица со посебни потреби и претставниците на локалната самоуправа. На оган дојдоа градоначалникот Александар Панов, претседателката на советот Горица Пеливанова-Вилхелм и советници. Децата добија празничен подарок и честитка со желби да бидат здрави и среќни.
Василичарски оган беше распламтен и во објектот „Снежана“. И таму дечињата преку василичарски песни посакаа многу здравје и бериќет во годината нова. Ја имаа можноста, како што налага традицијата, да коледуваат. Беа во посета на домот на семејството Трајкови, а таму беа дарувани со пригодни подароци. На децата им беа поделени и лебчиња, а во едно од нив имаше и паричка. Богев Силвестер беше најсреќен меѓу дечињата и во неговото лебче ја пронајде паричката.
Децата се најрадосни кога покрај сето друго што го учат во градинка се запознаваат и со традицијата на својот народ, велат учителките од градинка.
А.Д
Додади коментар