И Кавадарци активно се вклучува во хуманитарната акција за помош во Србија и Босна
19-05-2014 РЕГИОН

Од утринските часови просториите на локалната самоуправа Кавадарци, на Црвен Крст и на сите училишта и спортската сала „Јасмин“ се отворени за собирање на донации за настраданите од природната непогода во Србија и Босна и Херцеговина.

На прес конференција градоначалникот на општина Кавадарци, Александар Панов и претседателот на ОО на Црвен Крст, Димитар Каракулев ги повикаа кавадарчани секој во рамки на своите  можности да се вклучи во големата хуманитарна акција.

„Денеска многу поорганизирано со Црвениот Крст започнуваме со акцијата. За да не биде стихијно собирањето  на помош, сите акции да бидат координирани од Црвен Крст. Апел до сите граѓани, сите компании, јавни претпријатија, па и политичките партии,  да се вклучат во оваа хуманитарна акција и преку локалната самоуправа и  Црвен Крст  да донираат тоа што е најпотребно во овој момент. Потребна е  конзервирана храна, ќебиња и облека, бебешка храна, млеко,  а најмногу е потребна  водата за пиење. Просторите на локалната самоуправа  и Црвен Крст ќе бидат  отворени во текот на целиот  ден, а истото ќе биде и  во наредните денови. ,  На оние кои им е далеку Црвен Крст  или општинската зграда,   донациите можат да ги достават до училиштата,  спортската сала „ Јасмин“ , а од таму организирано стоката  ќе се пренесува  до магацинот на Црвен Крст.  Од побратимскит општини има загрозеност во некои села во Горни Милановиц и Бољевац. Не ја знаеме точно сотојбата кај нашите побратими во Углевик, бидејќи тоа е соседен град на Бјелина која што е опфатена со поплави, претпоставуваме дека и таму е лоша состојбата. До овој момент тие се немаат обратено за помош до ЛС да конкретизираат кои се нивните потреби. Доколку имаат поголеми потреби општина Кавадарци е спремна за сите овие побратимси општини со одлука на совет да помогне на овие побратимски градови“ рече градоначалникот Панов на прес конференцијата.

Претседателот на кавадаречката организација на Црвен Крст, Димитар Каракулев информира дека поголеми активности од хуманитарната акција се отпочнати уште во утринските часови.

„Ги  отворивме просториите за сите кои сакаат да донираат. Црвен Крст  е еден од пунктовите каде граѓаните може да ги донесат донациите. Повик и до сите физилчки лица, комапнии, поголеми дисконти кои можат да помогнат да го направат тоа. Се што ќе биде донесено, координирано со поголеми камиони ќе биде траспортирана во централните магацини на ЦК во Скопје,  каде поголем број волонтери работат на класификација на собраната стока, се со цел без пречки оваа донација да стигне таму каде е најпотребна. “ рече Каракулев и потсети дека граѓаните по 100 денари можат да донираат и на специјалниот број за донација  143 400 од сите мобилни оператори. Тој апелираше да не се обира стихијно помош туку сите кои сакаат организирано да се вклучат во хуманитарната акција која ја организираат Локалната самоуправа и Црвениот крст.

Ангел Данов



Share

Додади коментар