Иако подолг период се лицитира со датуми кога ќе им се исплатат субвенциите на земјоделските производители, тоа не се случи ниту пред Велигден. Земјоделците се гневни поради лагите кои континуирано им ги кажуваат надлежните. Велат дека ова неможат да го трпат повеќе и веднаш по празникот Велигден ќе се организирале и на соодветен начин ќе го искажеле својот револт од понижувањето кое им го правеле институциите.
„Ова што ни се случува нема никаква смисла повеќе. Секој ден само не лажат. Секој ден одиме во банките да провериме дали ни легнаа парите од субвенциите. Но пари нема. Ја почнавме новата производна сезона. Ни требаат пари за да стартуваме. Си ги бараме парите кои ни ги вети државата за 2015 и 2016 година. Ќе мораме после празникот малку по радикално да го искажеме нашиот гнев“ велат лозари од кавадаречко и се сомневаат дека буџетот на државата бил празен па затоа се одолговлекува исплатата на субвенциите.
Производителите на храна со нетрпение очекуваат формирање на нова влада со цел да се среде, како што велат, целиот циркус кој им се случува.
„Преку глава ни е од политиканството со кое се занимаваат некои политичари. Ние страдаме за леб, а ни страда и производството. Парите ни се ветени и планирани. Мора час поскоро да ги добиеме. Нека престанат политичките игри и нека се формира нова влада“ – коментираат лозарите со кои разговаравме.
Тие се револтирани и од претседателот на Агротиквешија, Љупчо Аризанов, за кого велат, дека наместо да ги бранел нивните интереси, тој протестирал против непостоечки проблеми и си бркал политика за лични интереси.
Денеска телефонски разговаравме со Аризанов. Тој информира дека вчера испратил допис до надлежните институции со кој ги информирал дека неисплатата на субвенциите неможело повеќе да се толерира, но не кажа кои се следните чекори доколку пари за субвенции не легнат на сметките и после велигденските празници.
Aнгел Данов

Додади коментар