И децата од Кавадарци дел од манифестацијата „Македонија во ритамот на Европа“
07-02-2017 РЕГИОН

Талентот на децата од Кавадарци ќе биде претставен на дипломатската детска манифестација „Македонија во ритамот на Европа 2017“. Станува збор за манифестација подржана од Министерството за локална самоуправа,  Секретаријатот за европски прашања, амбасадори од Европа и од Европската Унија.

 

Покрај основци и средношколци од Македонија, најмногу до дваесет од секоја општина, ќе учествуваат и претставници од Србија, Црна Гора, Белгија, Норвешка и други земји.

 

Целта  на манифестацијата е поттикнување, развивање, препознавање и зачувување на младите таленти, промоција на интеркултурализмот, толеранција, рамноправност на полови, почитување на човековите права, различностите, соработка и доживотно учење.

 

„Проектот всушност значи промовирање на талентот на нашите деца. Преку ваквата активност градиме еден заеднички европски дух“ рече градоначалникот Александар  Панов после потпишувањето на договорот.

 

Манифестацијата секоја година се одржува во земјата победник од претходната година. Годинава ќе се одржи во Скопје, а ќе се пренесува на Македонската радио телевизија, но и на десет други национални телевизии во Европа.

 

„Децата ќе пеат на еден јазик од Европа кој ќе биде одреден,  и амбасадорот на таа земја заедно со вашиот градоначалник ќе биде ктитор. „Македонија во Ритмот на Европа“ има за цел  да лобира и да ги запознае земјите од Европа со Република Македонија,  најпрво со вашиот пеачки мелос, со вашиот етно стил.  Низ цела Македонија ќе имаме стилови на препознавање на Македонија како земја, како држава, како нација и така ќе им ја претставуваме на сите амбасадори“ рече директорот на манифестацијата, Игор Карадаревиќ.

 

Победникот на манифестацијата за 2017 година ќе биде избран врз основа на гласовите на публиката и гласањето на жирито од општините учесници по пат на СМС-пораки. Педесет отсто од прибраните средства од СМС гласањето ќе бидат уплатени на сметка на општината победник, како наменски средства во буџетот за болници, училишта, детски градинки, спортски и културни установи и слично. Децата победници ќе ја посетат земјата чија што амабасада ја претставувале на натпреварот. Трошоците во целост ќе бидат покриени од страна на организаторот. Градот од кој потекнува победникот на манифестацијата, за следната година ја добива организацијата и телевизиски пренос во живо во Македонија и останатите земји учеснички.

 

A.Д



Share

Додади коментар