Значително намален бројот на нови позитивни на Ковид 19 во Тиквешијата - во април највисока смртност
17-05-2021 РЕГИОН

Се смирува третиот бран на корона вирус. Во тиквешкиот регион во изминативе 16 дена се бележи значително намалување на бројот на нови инфицирани со ковид 19. Заклучно до вчера во Кавадарци има 38 нови случаи, а се бележат 9 починати. Во Неготино 26 нови случаи и еден починат, а во Демир Капија има само два нови позитивни случаи.

 

Заклучно до вчера во Кавадарци вкупниот број на заразени од почетокот на пандемијата е 5147 лица, а во моментов активни се 54 случаи.

 

Во месец април се бележи највисока смртност споредено со претходните месеци во Тиквешијата. Битката со корона вирусот ја загубиле 41 лице од Кавадарци, 16 од Неготино и 3 од Демир Капија.

 

Бидејќи се бележи намалување на напливот на нови пациенти во кавадареката болница на почетокот на мај беше затворен еден ковид оддел, а во петокот се затвори и одделот во кој се згрижуваа ковид позитивни пациенти на четвртиот кат во болницата. Во моментов сите ковид позитивни пациенти се лекуваат во модуларната болница, каде има капацитет од 35 болнички кревети.

 

„Во тек на вчерашниот ден во ковид центарот на нашата болница се сместени 11 пациенти во стабилна општа состојба“ информира директорот на болницата д-р Диме Коцев. Тој додава дека доколку се јави потреба од дополнителен капацитет, во секој момент можат да бидат отворени дополнителните оддели.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар